Граѓаните до есен ќе добијат финален производ – веб-апликација, видео и мултимедијална игра за граѓански буџет од решенијата што победија на Фин Хакатон. По изборот на победниците, министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека очекува од нив да направат готов производ со кој ќе се доближат буџетот на РМ и јавните финансии до граѓаните.
Како што истакна министерот за финансии, Тевдовски, придобивки од Фин Хакатон имаат и граѓаните и учесниците. Граѓаните преку перспективата на учесниците добиваат алатки со кои имаат подобар пристап и подобра контрола над јавните финансии. Сите натпреварувачи, рече министерот, добија одлична можност за промоција, а победниците делат награден фонд од 1,5 милион денари и имаат можност да започнат сопствен бизнис.
На Фин Хакатон победија два тима. Тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска Стојановски и Георги Михаилов имаа најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб-апликација, пак, понуди тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Столеска, Александар Трпески и Александар (Бакo) Марковски.
Фин Хакатон е организиран од Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој. Целта беше во ограничен временски период од 48 часа во Министерството за финансии млади луѓе да креираат алатки за граѓанскиот буџет.