Шпанскиот амбасадор во земјава Лоренцо Сера се извини на граѓаните за доцнењето и се обрати на македонски јазик.

Извинете што доцневме, кажа амбасадорот Лоренцо Сера. За прв пат во својата историја официјален Мадрид направи преседан и со гласање од далечина преку видеоконференција ја внесе Македонија во Воената Алијанса. На невообичаената пленарна седница во празниот Шпански Парламент, сите сенатори преку електронско гласање се согласија да ги отворат вратите за 30от сојузник.

Лоренцо Сера амбасадор на Шпанија – Ни претставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на Законот за ратификација на Протоколот за прием на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и Северна Македонија ќе станат и формално сојузници, што веќе де факто тие се. На тој начин ќе се продлабочат пријателските билатерални односи. Откако неговото височество, кралот на Шпанија ќе го потпише Законот за ратификација ќе го депонира во Вашингтон што ќе се случи многу бргу.

По гласањето, честитка упати и првиот човек на Алијанасата Јенс Столтенберг. Тој на твитер напиша:

„Шпанскиот Сенат, само што го ратификуваше пристапниот Протокол за Северна Македонија во НАТО. Со ова, сите солузници посакаа добредојде на нашиот 30 ти член. Честитки Северна Македонија.“

Македонија ја чекаше Шпанија поради неможноста да формира Влада скоро цела година, па два пати се одржуваа избори. Сега откако се тргнаа сите пречки, по тридецениското чекање за влез во НАТО, работата се сведува на техника и церемонија. Но вонредните услови го прават своето, а дополнително со претставниците од САД ќе се утврдуваат сите чекори.

Министерот Димитров денеска не сакаше да прогнозира за датумот за влез во ЕУ, но  смета дека веќе не постојат суштински пречки за вето. Во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ следната недела на 24 март и Европскиот Совет на 26 и 27 март, остварен е разговор со шефот на дипломатијата на Холандија Стеф Блок.

„Тој ми кажа дека холандската влада во целост се согласува со Европската Комисија кога вели дека Северна Македонија испорачала опипливи и одржливи резултати и дека заслужуваме да почнеме преговори, да влеземе конечно во следната фаза на нашите евроинтеграции. Не гледам суштински пречки, имам задршки околу процесот како ќе изгледа тој состанок, дали ќе најдат начин да седнат.“ – изјави Никола Димитров МНР.

Утре на ниво на КОРЕПЕР ќе има дебата по првата верзија на предлог заклучоците од ЕК, засега се планира да се оддржи и Советот за Општо Работи следната недела во Брисел, но повторно не е исклучено, поради состојбата со корона вирусот, истиот да се оддржи преку видеоконференција или пак преку писмени коментари и согласност од земјите членки.  Сепак без разлика на каков начин ЕУ ќе реши да дебатира и одлучува, она што е важно за Македонија е конечно да се отвори вратата за влез во европското семејство.