Додека докторката Билљана Цаца Николовска се лекува на Инфективната клиника од коронавирусот, полицијата го извести обвинителството за нејзиниот случај. Во описот стои дека се вратила од Италија и со симптоми на Ковид-19 држела предавање, велат за ТВ24 од скопското обвинителство.

Напишани се и членовите 205 и 206 од КЗ кои предвидуваат затворски казни за пренесување на заразна болест и непостапување во време на епидемија. Ова е само едно извествуање од МВР. Полицијата поднела кривични пријави против триесетина лица

Обвинителството поднесе казнен налог за петчлено семејство од Битола, кое не само што не ги почитувало мерките за самоизолација, туку се степале и со соседите. Се бара од судот секој од нив да плати по 2000 евра за прекршување на препораките. Листата на граѓани кои не постапуваат по мерките за самоизолација и се шетаат надвор е се подолга.

Денеска обвинителството поднесе предлози за казнени налози за десетина лица. Меѓу нив и казни за двајца сопственици на кафеана и интернет-кафе во Дебар.

По вчерашната обиколка на ТВ24 и регистрираното групно дружење на улица во Шуто Оризари, вечера вечер постапила полицијата.

Државата е во вонредна состојба, а полицијата на терен контролира дали има собирање на поголеми групи, што е спротивно од препорачаните владини мерки. Последните 24 часа во Македонија влегле речиси 3000 луѓе, од кои 807 се странци, а 2017-македонски државјани.
Полицијата ги засили проверките на лицата со симптоми на Коронавирусот. Според МВР, заклучно денеска напладне, во самоизолација има 2.268 лица, од кои 1.000 се во Скопје. Со одлука за здравствен надзор, во моментов има 365 лица во целата држава, од кои 230 само во Скопје. Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев рече дека се предвидуваат казни од 2.500 евра до три години затвор за кршење на уредбите на институциите.