Претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Жељасков денеска ќе престојува во работна посета на Собранието на Република Северна Македонија.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Жељасков ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што е најавено двајцата да дадат изјава за медиумите.

Предвидено е Жељасков да го посети и гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Во 13 часот во Археолошкиот музеј, двајцата ќе се обратат на свеченото отворање на изложбата „Сребрена Тракија“.

Изложбата, како што велат од Министерството за култура, е во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка меѓу двете држави и е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.

Изложбата „Северна Тракија“ е поддржана од двете министерства за култура и покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН.

Посетата на Жељазков е прва посета на висок бугарски функционер по долго време. Односите меѓу двете земји се влошија по бугарската блокада за отворање на преговорите со ЕУ.