Министерот за надворешни работи на Полска, Јацек Чапутович, денеска ќе престојува во работна посета на Македонија, во тек на која ќе има средба со македонскиот колега Никола Димитров.
– На средбата, министерот Димитров ќе информира за активностите поврзани со домашната реформска агенда и развојот на добрососедските односи во контекст на очекуваните позитивни придвижувања на патот кон целосно интегрирање на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Се очекува на средбата двајцата министри да разменат мислења и за можностите за натамошно унапредување на билатералните односи и соработката, сооопшти денеска македонското МНР.
Според највата, министрите Димитров и Чапутович ќе ја отворат седмата средба на полско–македонската соработка во евроинтеграцискиот процес, т.н. „Скопска конференција“ на државни службеници од Македонија и Полска. Предвидено е и да ги поздрават учесниците на тркалезната маса посветена на „Улогата на истражувачките организации (Think-Tank) во дебатата за европска интеграција на која ќе учествуваат think-tank-ови од двете земји.
Воедно министрите ќе положат цвеќе пред Споменикот на депортираните Евреи од Македонија во рамки на комеморативниот настан што се организира по повод 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија.