Кандидатот на ДУИ за претседателските избори Бујар Османи во интервју за „Топ ченл“ – Албанија, вели дека време е да се скршат последните табуа на етнички монополи во државата со тоа што за првпат би се избирал Албанец за шеф на државата.

„Време е Албанците да го имаат првиот албански претседател и да ги скршат последните табуа на етничките монополи во државата. Ако и овој пат се гласа само на етничка основа, тогаш навистина нема причина Албанците да учествуваат во изборните процеси за да направат алиби за изборите кои се исклучувачки“, рече Османи.

Според него, каков и да е исходот од изборите, ДУИ ја има формулата како да се оди кон албански претседател, а тоа е преку избор во Собранието.

„Впрочем, со години зборуваме дека процесот на избор на претседател е едностран, моноетнички, исклучувачки и Албанците не се одлучувачи. Мислам дека има сериозни шанси со оваа кандидатура првиот албански претседател да биде избран на непосредни избори, ако не, тогаш единствената опција е да се направат уставни измени и претседателот да биде избран во парламентот“, вели Османи.