Кумановскиот градоначалник, лидер на ЗНАМ и претседателски кандидат, Максим Димитриевски претпладнево влезе во судница во Основниот суд во Куманово по обвинението против него за злоупотреба на службена положба и овластувања. Рочиштето беше одложено за 30 април.

Кумановскиот обвинител, Иса Сулејмани поднел обвинителен предлог по кривичната пријава на две кумановски фирми дека не им издава градежна дозвола за изградба на висококатница и покрај тоа што, адвокатскиот тим на Димитриевски барал тој да биде изземен поради пристрасност и селективно постапување во предистражната постапка.

Димитриевски тврди дека постои стручно мислење од експерти за случајот, кое обвинителот не го земал предвид. Во ова гледа политички прогон од страна на власта, преку нивни сателити во обвинителството и Уставниот суд, со цел предизборно да го дискредитираат.

Кумановските фирми „Делукс ауто“ и „Хромак“ тврдат дека претрпеле штета од 55.000 евра, затоа што не им издал решение за наплата на комуналии за објектот. Го обвинуваат дека не го почитувал законот за градење и одлуките на уставниот суд.