Претстојните претседателски и парламентарни избори, состојбата во државата кога СДСМ ја презел власта како и проектите кои ги реализира владата биле во фокусот на денешната средба меѓу лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и европратеникот и носител на листа на социјалдемократите во Австрија за изборите во ЕУ Андреас Шидер, која се одржала во Скопје.

Како што информираа од СДСМ, Ковачевски му посочил на Шидер дека граѓаните на изборите ќе имаат можност да бираат меѓу два концепта. Едниот концепт на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“ кој значи прогрес и интеграција на државата и другиот концепт кој ја носи државата во безнадежност и изолација.

Ковачевски и Шидер, додаваат од СДСМ, заеднички констатирале дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и мора да го продолжи европскиот пат и оти тоа е единствената алтернатива и можност која носи позитивни промени за државата.

„На средбата со европратеникот Шидер, знаеднички беше ставот дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и мора да го продолжи европскиот пат, тоа е единствената алтернатива и можност која носи позитивни промени за државата. Европратеникот Шидер изрази поддршка за СДСМ за претстојните избори, како прогресивна партија која има јасен и конкретен план за остварување на стратешките цели кои се од инетерс за граѓаните и државата“информираат од СДСМ за средбата на која присуствувале и вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ и пратеничката од СДСМ Санела Шкриељ.

Ковачевски на средбата посочил дека Владата предводена од СДСМ покажала јасна посветеност и донела тешки и храбри одлуки, кои резултираа позитивно врз државата. Воедно, Ковачевски потенцирал дека стратешките одлуки се носеле и во време на две тешки кризи – ковид пандемијата, енергетската криза, војната во Украина.

„Во однос на програма на СДСМ за претстојните избори, Ковачевски потенцираше дека таа преставува продолжение на сите позитивни резултати што досега се постигнаа и се заснова на седум столба: Нова економска енергија за европски раст и стандард, Добро управување – подобар и праведен систем за сите, Грижа за сите, Европски квалитет на живот, Безбедна Македонија, Македонија во ЕУ до 2023, Млади – столбот на иднината“,информираат од владејачката партија.

Ковачевски на средбата посочил и дека доколку СДСМ ја формира новата Влада, приоритет ќе биде продолжување на патот кон ЕУ, исполнување на целите од програмата кои значат подобар европски животен стандард за граѓаните, економски развој, унапредување на демократијата, слободите, социјалната вклученост.