Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, ќе побара законски измени со кои ќе биде забрането во јавното здравство да се вработуваат невакцинирани лица, а ќе побара и казни за родителите што со невакцинирање ги обесправуваат своите деца. Законските измени најави дека ќе ги побара по изборите оти имаме сериозен проблем со бројката на невакцинирани деца.

„По изборите, ќе се изготви законска рамка, која ќе овозможи да се санкционираат родителите што ги обесправуваат децата и со невакцинирање не им дозволуваат да бидат заштитени од заболувања. Ќе побарам и принцип за вработување во јавното здравство да биде луѓе што не се вакцинирани да не може да се вработат во здравствениот систем. Имаме сериозен проблем“, рече министерот Демири.

Организирал средба со Лекарската комора, на која побарал сите 9.000 члена да бидат промотори и амбасадори на вакцинацијата како најефикасна заштита од многу болести. За министерот Демири, позагрижувачка е состојбата со испуштените полио-вакцини отколку оние против морбили и голема кашлица оти во Западен Балкан се пропуштени повеќе од 2 милиона дози од полиомиелит.