Денес на прес конференција која се одржа во Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска побара одговори од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска за пожарот на културниот симбол на градот, Универзална сала.

Во продолжение прочитајте ја интегрално прес конференција на Арсовска :

Универзалната сала во Скопје како културен центар претставува траен симбол на човечката солидарност, врежана во меморијата на скопјани и на сите во Македонија, кои имале можност да ја посетат и да бидат дел од бројните настани кои во неа се организирани.

За жал по опожарувањето на објектот на Универзалната сала, сите нерегуларности за кои Град Скопје и јас како градоначалничка јавно укажувавме и ги посочувавме на јавноста, поради кои Универзалната сала не смее да продолжи да се гради по постојниот проект.

Изјави по катастрофалниот пожар во Универзална сала

– На 09.04.2024 година Град Скопје осознава од медиумите за катастрофален пожар кој ја зафати Универзална Сала.

– Од изјавите на Министерката за култура се дознава дека на објектот се гради, за што Град Скопје како сопственик на објектот не е известен ниту е информиран за отпочнување на градежни активности. Министерката изјавува дека осознала за пожарот пред 9 часот и дека објектот е осигуран.

– Противпожарната бригада на Град Скопје информираа дека пожарот е пријавен од случаен минувач во 9 часот и 50 минути, а бригадата за 5 минути односно во 9.55 пристигнала на лице место и пристапила кон гаснење на пожарот. Дополнително се работи со 9 возила 24 пожарникари.

– Лице кое се претстави како сопственик на Универзал балкан осносно фирмата што ја реконструира Универзална сала е присутно и изјавува дека на објектот тој ден немал никаква дешаванка и интервенции на објектот и претпоставува дека причината за пожарот е стар кабел или некоја стара инсталација.

– На 10.04.2024 година на новинарска констатација од брифингот со Министерката за култура се коментира дека надзорот изјавил дека е навлезено во втора фаза без потпишан договор.

Прашања кои мора да се одговорат:

– Зошто ако осознала Министерката за пожарот пред 9 часот, истото не го пријавила?

– Зошто ако работниците и инженерката на фирмата Универзал Балкан се обидувале да го гасат пожарот, и откако не го локализирале и дозволиле истиот да се прошири не пријавиле ни побарале помош од Противпожарната бригада Скопје, каде многу подоцна во 9.50 е пријавено од страна на случаен минувач?

– Врз основа на што се темели изјавата на изведувачот дека причина за пожарот е стар кабел или стара инсталација?

– На која локација каде е прецизно започнат пожарот односно каде работниците внатре во објектот почнале да го гасат пожарот?

– Врз основа на кој проект е продолжено да се реконструира Универзална Сала?

– Врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се реконструира Универзална сала?

– Кој е управител на градба на објектот на Универзална сала во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект?

– Кој е надзор на градба во моментот на опожарување и врз основа на кој документ и на кој проект?

– Каде, кога и од кого е осигуран објектот на Универзална сала, на која вредност и за кои случаи на настанување штета?

Уште во првите месеци по локалните избори од 2021 година, по добивање на извештај за проблемите со кои градот Скопје е соочен за Универзална сала, излеговме во јавноста со деталите дека проектот по кој се работи не може да се спроведе и како таков ја прави целата работа на објектот небезбедна.

Проектот за Универзална сала е дониран на Град Скопје во времето на Петре Шилегов во март 2021 година со број 0307-30 од страна на Мегарон Инжењеринг на Бујар Муча кој доста често е гласноговорник во јавноста поврзано за овој проект.

Уште на самиот почеток на реконструкцијата на објектот исто отпочната во мандатот на Петре Шилегов кој ја спровел и набавката за реконструкција, во јули 2021 констатирано е со записник број 1 од 06.07.2021 година дека проектот е неусогласен со постојната состојба. По детектираните бројни недостатоци на проектната документација за тој проект со број 0307-30, позитивното мислење од 18.05.2021 година за стабилност и сеизмичка заштита на овој проект Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) го прогласува за неважечко, кој документ бил изготвен на 02.11.2021 година од ИЗИИС, а Град Скопје го осознава на 17.02.2022 година. Од тој момент по тој проект со број 0307-30 е невозможно да се продолжи да се работи.

Бидејќи проектот со број 0307-30 дониран на Градот е единствениот документ кој Советот на Град Скопје во март 2021 година го има прифатено со одлука како донација, со поништувањето на позитивното мислење за стабилност и сеизмичка заштита на тој проект, невозможно е продолжување на реконструкцијата по истиот тој проект.

За утврдените неправилности и дека продолжувањето на работа по проектот со број 0307-30 е небезбедно, уште во почеток на 2022 година имаме дадено бројни изјави и запознаена е целокупната јавност.

Во тие моменти дел од учесниците кои го форсираат проектот здружено со политичките елити напаѓаа и водеа медиумска хајка тврдејќи дека истото не е точно и дека е безбедно да се продолжи, иако истото никако не беше возможно. По две години се потврдува дека нашите тврдења се точни, за што следат детали со кои прецизно ќе биде образложено за целокупната јавност и целата документација поврзана со проектот ќе биде објавена.

Две години хајка

Уште од моментот на обелоденување во почетокот на 2022 година, со бројни изјави и запознавање на целокупната јавност за утврдените неправилности, како и дека продолжувањето на работа по проектот со број 0307-30 е небезбедно, започнува јавна хајка против мене нарачана од политички центри на моќ и бизнис интереси.

Хајката со изјави од лица дека не сун способна да ја реализирам реконструкцијата на Универзална сала, сега се докажува за неточна бидејќи по 2 години и увидување на неможноста да се реализира реконструкцијата по спорниот проект со број 0307-30 дониран од Бујар Муча и Мегарон Инжењеринг, на Петре Шилегов преку Советот на Град Скопје, мистериозно се опожарува Универзална сала и тоа во моментот кога е отпочната работата на терен од страна на Министерството за култура.

Со бројни изјави од страна на Министерката за култура бев напаѓана дека не дозволувам продолжување на реконструкцијата или пренос на Универзална сала, кога јасно е од законските надлежности дека градоначалник нема ингеренции да ја пренесе Универзална Сала. Единствениот кој можел тоа да го стори е Советот и советниците од Град Скопје кои во септември 2023 година со 26 гласа ЗА правото на реконструкција на Универзална сала го пренесоа на Министерството за култура. Лагата дека не сум дозволувала да се пренесе Универзална сала се докажа, бидејќи одлука за истото морал да донесе и донел Советот на Градот Скопје, а не јас како градоначалник.

Договор за пренос на право на реконструкција на Универзална Сала од Градот Скопје на Министерство за култура е склучен дури по дадената согласност на Седница на Влада на 06.12.2023 година, со која Владата го одобрува истото на Министерството за култура.

Продолжување на реконструкција по проектот на Бујар Муча бр. 0307-30 е невозможно и небезбедно

Во почетокот на 2022 година од страна на Град Скопје со бројни изјави и запознавање на целокупната јавност беше обелоденето дека поради утврдените неправилности, невозможно е продолжувањето на работа по проектот со број 0307-30 и истото е небезбедно за што во градот Скопје постојат документи и записници во периодот кога функцијата ја извршувал Петре Шилегов.

– На 17.09.2021 година – се наложува изведувачот активностите на градбата да ги прекине од 18.09.2021 година, се додека не се добие комплетна техничка документација, одобрена од инвеститорот (што никогаш не се случило, за истата е неопходна одлука од страна на Совет на Град Скопје)

На состанок во Град Скопје 07.10.2021 година, констатирана е потреба од изготвување нов проект, каде се потенцира дека не може општина Центар да издаде решение за измени во тек на градење затоа што ова е реконструкција, туку за истото мора да се аплицира со нов проект и ново одобрение за реконструкција. (нов проект не е примен од страна на Советот на Град Скопје)

ИЗИИС со ново мислење со број 0807-2425/3 од 02.11.2021 година барано од Мегарон Инжењеринг на Бујар Муча, го поништува позитивното мислење за сеизмичка стабилност и заштита за проектот со број 0307-30 дониран на Град Скопје во март 2021 година, а за кое поништување Град Скопје осознава на 17.02.2022 година.
По истото на 22.02.2022 година запознаена е целокупната јавност за утврдените неправилности и неможност за продолжувањето на работа по проектот со број 0307-30.

Упад во ЕСЈН системот за јавни набавки на Биро за јавни набавки

По опожарувањето на Универзална сала се отвараат бројни дилеми и постапки спротивни на закон кои успеавме да ги разобличиме

– За проектот за Универзална сала да не се прави јавна набавка, дониран е проект бр. 0307-30 во март 2021 година прифатен со одлука на Совет на Град Скопје

– За истото објавена е јавна набавка, донесена е одлука за избор за јавна набавка и потпишан е договор за јавна набавка со Универзал балкан (пред Локалните избори во 2021) на 04.06.2021 година со тоа што договорот е активен до 12.09.2023 година

– На 18.09.2023 година 14.23 минути прикачено е во системот на Бирото за јавни набавки дека договорот за јавна набавка е завршен и реализиран со прикачено известување за реализиран договор со кое постапката трајно се архивира и затвара.

– По настанатиот пожар и изјавите на Министерката за култура дека на објект на Универзална сала се градело за што Градот како сопственик не е известен, секторот за јавни набавки при Град Скопје барајќи ја набавката врз основа на која Министерката случила договор за јавна набавка за реконструкција, увидува дека направен е неовластен упад во профилот на Град Скопје во системот на јавни набавки ЕСЈН и во евидентна книга на Град Скопје од страна на неовластени лица, на завршена јавна набавка и истечен договор трајно затворени и архивирани во 2023 година некој го злоупотребил системот и на профилот на Град Скопје си додавал документи од 2024 година кои содржат информации и податоци на Министерството за култура со бизнис партнерот на министерката, фирмата Универзал Балкан а спротивно на постапките и законот за јавни набавки.

– Појаснување: Ниту Град Скопје, а не пак Министерството за култура или било кој друг правен субјект во Македонија да би сакал да продолжи постапка за јавна набавка која согласно закон за јавните набавки трајно е завршена и архивирана во септември 2023 година, тоа законски не може да го направи.

Овој упад претставува поривање на правниот поредок во Македонија и креирање на правна несигурност после која било која институција во Република Македонија нема да може да биде сигурна дали некој во системот ЕСЈН на Бирото за јавни набавки може да им ги менува јавните набавки, да им додава документи во системот на јавните набавки без нивно знаење, да им брише документи од системот, да им превзема договори кои немаат предвидени буџетски средства, и тоа од страна на неовластени правни и физички лица а спротивно на законот за Јавните набавки.

Појаснување за упадот во профилот на ЕСЈН системот

– Министерката за култура, со наведување како основа на Закон за облигации, а не врз основа на Законот за јавни набавки, си склучила договор со нејзиниот партнер Универзал Балкан како да се две фирми бизнис партнери, без спроведување на јавна набавка за реконструкција.

– Притоа јасно е злоупотребен системот за јавни набавки ЕСЈН на Бирото за јавни набавки во кој од денес секој ентитет во Македонија ќе мора да си ги проверува сите јавни набавки склучени и завршени до сега и од сега, поради тоа што невозможно е со сигурност да се потврди дали некој им бришел, додавал или злоупотребувал информации и документи неовластено.

Град Скопје бара одговори и на следните прашања:

– По кој член од Законот за јавни набавки, јавна набавка која минатата 2023 година е трајно завршена, реализирана и архивирана, може повторно да се активира како во овој случај во 2024 година, со неовластено пристапување од страна на друга институција во профилот на Град Скопје?

– Согласно која законска регулатива на профил на договорен орган во системот ЕСЈН на Бирото за јавни набавки при Министерство за финансии од лица кои немаат овластување ниту пристап од страна на договорниот орган може да се вметнуваат или бришат документи?

– Дополнителни прашања поврзани со утврдените неправилности на системот ЕСЈН на Бирото за јавни набавки ќе бидат поставени, на тематска прес конференција на која ќе се извести целокупната јавност за ерозијата и злоупотребата на постапките и системот за јавни набавки.