Информацијата што подоцна беше потврдена, прв ја сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на социјалните мрежи.

„Грчката амбасадорка Филипиду, демонстративно ја напушти собраниската ложа, заради употребата на терминот Македонија при положувањето на заклетвата од новата Претседателката Силјаноска Давкова“, напиша Милошоски.

Силјановска Давкова претпаднево во Собранието даде свечена заклетва дека дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно, дека ќе ги почитува Уставот и законите и дека ќе ги штити независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, без притоа, да употреби „Северна“ во името на државата.

Повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име на земјата Република Северна Македонија, Силјановска-Давкова употребуваше само Македонија.

Давкова по заклетвата се обрати пред пратениците, а говорот во најголем дел им го посвети на жените.