Фудбалската репрезентација на САД доби нов селектор, со најголеми амбиции го дочекува Мундијалот во 2026 година каде ќе биде еден од домаќините.

Аргентинскиот стручњак Маурисио Покетино ги презеде Американците и ќе се обиде да направи чекор напред со оваа селекција во однос на претходните натпреварувања.

– Маурицио е сериски победник со длабока страст за развој на играчи и докажана способност да гради кохезивни, конкурентни тимови. Неговите резултати зборуваат сами за себе и уверен сум дека тој е вистинскиот избор да го искористи огромниот потенцијал на нашиот талентиран тим – изјави спортскиот директор на САД, Мет Крокер.

Покетино ќе дебитира на клупата на САД на 13 октомври на пријателскиот натпревар против Панама во Остин.