Австралија може да стане првата држава во која ќе се искорени ракот на грлото на матката. Со напорна работа, научниците сметаат дека ракот на грлото на матката може да стане болест од минатото.
На секои 2 минути умира по една жена како резултат на оваа болест. Во 99,9% од случаите, болеста е предизвикана од човечкиот папиломен вирус (ХПВ). Благодарение на масивната програма за вакцинирање на чија мета е оваа инфекција, појавата на ХПВ кај жените во Австралија на возраст од 18 до 24 години се намалила од 22,7% на само 1,5% во последните 10 години. Ова се резултатите од истражувањето објавено во Journal of Infectious Diseases.
Оваа вакцинација, во комбинација со редовни прегледи, ги тера истражувачите да предвидат дека ракот на грлото на матката речиси и да нема да постои во Австралија за неколку децении.
„Сметам дека во текот на наредните 30 до 40 години, бројот на случаи со рак на грлото на матката ќе падне од моменталните 930 случаи годишно во Австралија, на само неколку“, изјавила професорката Сузан Гарланс, директор на Центарот за женски инфективни болести.
„Истражувањето покажува намалување на бројот на случаи со ХПВ кој предизвикува рак. Сепак, поради временската разлика помеѓу развивањето ХПВ и развивањето на ракот, очекуваме да поминат уште неколку години пред да видиме нагло намалување на бројот на пациенти со рак на грлото на матката“, додава таа.