Дипломатската криза која започна откако на британско тло со нервен гас беа отруени некогашниот руски шпион Сергеј Скрипал и на неговата ќерка, Јулија, сега се преточува во спортска криза, односно во криза на фудбалскиот Мундијал, кој летово треба да се игра во Русија.

По труењето со нервен гас, Британија ги избрка руските дипломати, а потоа тоа го направија и поголем дел од земјите во Европа, меѓу кои и Македонија. Сега нареден чекор кој го подготвуваат е бојкот на Светското првенство.

Варијантата за бојкот први ја спомнаа Британците, а сега се јави и Австралија, земја од која се избркани двајца руски шпиуни. „Кенгурите“ се пласираа на Мундијалот откако во баражот го елиминираа Хондурас. Сепак може да се случи оваа земја воопшто да не патува на планетарниот собир.

„Имаме многу опции за тоа како да реагираме. Една од тие опции е да не играме на Мундијалот“, рече Џули Бишок, која е министерка за внатрешни работи на Австралија.

Во британскиот парламент се дебатира за тоа што ќе значи СП 2018 во Русија. Некои дури го споредуваат претседателот на Русија Владимир Путин со името на Хитлер.

„Путин ќе го искористи Светското првенство за пропаганда како што тоа го направи Хитлер на Олимписките игри во 1936 година. Тоа ќе биде ПР бруталност и корумпиран режим. Треба да се откажеме од настапот на Мундијалот“, рече членот на британскиот парламент Јан Остин.

До стартот на СП 2018 остануваат помалку од три месеци, а останува да се види дали ќе се случи спортски скандал и Мундијалот да не се одигра.