Настанатата ситуација со кризата со коронавирусот придонесува со забрзан чекор да се поттикне електронската трговија и во нашата држава, па во таа насока и да се зголеми бројот на онлајн нарачките и тоа со достава до врата. Доколку се најдете во улога на купувач преку телефони, компјутер, таблети,… пред да започнете со процесот на е-купување, Агенцијата за пошти (АП) препорачува задолжително да се направи проверка на онлајн продавницата од која сакате да пазарите. Ова, како што истакнува АП, е неопходно да се направи бидејќи на електронскиот пазар постојат и лажни електронски продавници.

 

Како што укажува Агенцијата за пошти, не секој поединец или фирма, што се претставуваат дека се онлајн продавници се веродостојни продавници. Ова, посочува регулаторното тело во поштенскиот сообраќај, можеме да го забележиме најчесто на социјалните мрежи. Знаеме дека секој поединец може брзо и едноставно да креира лажен профил на некои од социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм итн.) и да нуди продажба на производи и со помош на курирска достава да ги доставува до вратата на купувачот. Според сознанијата на Агенцијата за пошти, на ваквите е-продавници најчесто се нудат текстил, обувки, електронски апарати, козметички и хигиенски производи, како и детски играчки.

АП советува и дека веб-продавниците кои се рекламираат дека вршат продажба на различни производи и услуги, исто така, треба да се проверат дали навистина постојат како официјално регистрирани трговци (во Централниот регистар или Управата за јавни приходи). За да се поедностави процесот доволно е да се побараат информации за компанијата која стои зад електронската продавница, односно адреса на компанијата и евентуална локација, контактни податоци – како телефонски број, активна е-адреса и сл.

Друг начин за проверка за сигурноста на е-продавниците е поседувањето дигитален сертификат, односно дали во пребарувачот на почетокот од лентата за линкот постои зелен катанец, кој означува дека конекцијата е безбедна. Со кликањето на катанчето може да се провери кој го издал сертификатот и кој одговара за неговата валидност.

Исто така, советува Агенцијата за пошти, при проверка на валидноста на е-продавниците треба да се внимава и на сомнителни „скокачки прозорци“, односно дали се наоѓате на истата веб-страница од каде што излегол прозорецот и да се обрне внимание на рекламните банери, кои пренасочуваат на друга веб-страница или, пак, на страници кои имитираат други со цел да соберат лични податоци и приватни информации. Ваквите страници може да се препознаат според доменот (=domain) на веб-страницата во лентата за линк, односно при секое пренасочување да се внимава дали се сменил доменот или истиот е сомнителен.