Цели паралелки од основни и средни училишта се пријавувале дека немаат паметен уред за следење настава од дома преку интернет, откри министерот за образование, Арбер Адеми.

Тој вели дека според Министерството, тие бројки не се реални, а податоци за социјално загорзени семејства обезбедиле од Министерството за труд и социјална политика.

Адеми потенцира и дека се разгледува можноста за пролонгирање на уписот во прво одделение поради вонредната состојба, која оневозможува на родителите да им се издадат потврди од здравствени установи потребни за упис.

„Ние обезбедивме податоци од Министерството за труд и социјална политика за обезбедување бесплатен интернет. Повеќе од 18.400 социјално загрозени семејства, а кои имаат деца со статус ученик, ќе добијат бесплатен интернет од 10 гигабајти секој месец. Имавме побарано информации и податоци од училиштата за тоа колку деца немаат ИТ-уред, но, за жал, тие бројки не се баш реални според нашето мислење бидејќи се пријавиле цели класови дека немаат ИТ-уред, паметен телефон, таблет или лаптоп, така што со потенцијалните донатори и последниот донатор, кој во општините ги распредели ИТ-уредите, разговаравме за социјално-загрозените семејства, каде што градоначалниците ќе треба да распределат речиси 3.000 таблети. Со ова се ублажува бројот на децата што немаат современ ИТ-уред со кој би ја следеле наставата, односно учењето од далечина“, рече Адеми.

Веќе на следната седница на Владата министерот Адеми очекува да се разгледа планот направен од страна на Министерството за тоа како да се реализира наставата до крајот на годината, но и пролонгирање на уписот во основното образование.

„Уписите на првачињата почнуваат во мај и се реализираат до септември. Но, оваа година, поради вонредната состојба и условите што наложуваат ограничување на движењето на граѓаните, размислуваме тие да почнат во јуни. Јас најавив дека работиме на утврдување конкретен образовен план, со сет мерки што ќе се преземат во следниот период. Очекувам на следната седница на Владата тој план да се разгледа, а една од мерките е и пролонгирање на уписот на првачињата од мај во јуни имајќи предвид дека новиот Закон за основното образование предвидува дека родителите треба да достават и потврда за задолжителни примени вакцини и извршен стоматолошки и офталмолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа“, соопшти Адеми.