Специјалното јавно обвинителство отвори истрага против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

И двајцата се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека се договориле да го прекинат пописот во 2011 година за да се задржат на власт и на тој начин, како што кажа обвинителката Фатиме Фетаи, го оштетиле Буџетот за 175 милиони денари.

– Во месец октомври во 2011 година, осомничените ги искористиле своите овластувања и како одговорни лица, претседатели на политичките партии, ја злоупотребиле својата функција и го оштетиле буџетот. Постои основано сомнение дека помеѓу 10-ти и 11-ти октомври осомничените се договориле да го стопираат пописот на населнието со цел како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба што резултирало со огромно иселување на работоспособното население. По договорот, со образложение дека со отпочнување на примена на Законот се јавиле недоречености, Владата до Собранието предложила да престане да важи Законот за попис на наслението, па посредно преку парламентарните групи како гласачка структура на политиката на лидерите, на 15 октомври 2011 бил изгласан закон со кој престанува да важи операцијата на попис – рече Фетаи.