Не точно дека сум дал оставка, сето тоа што се зборува е неофицијално, изјави за НОВА Дејан Блажевски шеф на кабинет на министерот за здравство Венко Филипче.
„ Ја не сум разговарал со министерот за ова, ќе го почекам да се врати од службено патување и се додека не потврдиме официјално се е во доменот на шпекулации. Во моментот сум на боледување, ми треба време да размислам“, изјави за НОВА, Блажевски.
Тој демантира дека на негово место е назначена Бојана Атанасова, која исто така е во кабинетот на Филипче. Блажевски вели дека обемот на работа е голем и одговорен, но дека не се работи за притисоци.
Што се случува во кабинетот на Филипче, не знаат ниту вработените во Министерството за здравство. Од таму велат дека нема ништо невообичаено, а дека Блажевски деновиве доаѓал на работа.
Блажески е доктор од областа на економските науки и е магистер за јавни здравствени системи. Претходно бил портпарол на централниот штаб на Либерално демократската партија во Охрид.