Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, во интервју за МИА зборува за проектите, состојбата и идните планови на општината. ДУП–ови кои ќе се изготват по Мораториумот, вели Богдановиќ, ќе придонесат за нормален развој на Центар по сите параметри и по желбите и интересите на граѓаните, а не по желбите на инвеститорите и моќници.
Богдановиќ најави пролетна офанзива за реконструкција на улиците и тротоарите, а и таму каде што е потребно и на канализациската мрежа, како и неколку пилот-проекти за зелени фасади и поставување зелени покриви таму каде што има можности.
На прашањето откако ја презел функцијата градоначалник, кои проекти ги реализирал Богдановиќ истакна дека општината нема комплетно квалификуван кадар, особено во делот на инспекцијата и дека ќе се испитуваат сите ДУП-ови.
„Кадри кои се дефицитарни се инспекторите и се работи на носење квалитетен и обучен кадар за покривање на оваа област, а другите сектори располагаат со соодветен кадар. Меѓу првите чекори што ги преземавме е стабилизација на тлото на земјата, т.е. Советот изгласа мораториум за нови градби се до прегледување и испитување на сите ДУП-ови. Ова општина Центар ја чини многу финансиски, но еднаш засекогаш мора да се стави крај на непланското работење. Неопходно беше ставање на овој мораториум за да почнат да се изготвуваат ДУП–ови кои ќе придонесат за нормален развој на Центар по сите параметри и по желбите и интересите на граѓаните, а не по желбите на инвеститорите и моќници“, нагласи Богдановиќ.
Тој потенцира дека се испитува кои објекти добиле одобрение за градба, а не се испочитувани законските рокови.
„Дел од објектите вцртани во ДУП-овите од страна на ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт ќе значат узурпација на зеленилото или слободниот простор. Тоа нема да го дозволиме, бидејќи тоа ќе значи дополнително уништување на јавниот простор. Во овој период се врши ревизија и демонтирање на нелегалниот проект „Скопје 2014“. Општина Центар нема да дозволи дивоградби на својата територија“, истакна Богдановиќ.