Премиерот на Бугарија Бојко Борисов имал телефонски разговор со македонскиот премиер Зоран Заев при што му го честитал реизборот за лидер на СДСМ.

За ова Борисов напиша и на неговиот фејсбук-статус.

„Му честитав за реизборот за претседател на неговата партија и тој ми посака успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија“, напиша Борисов на неговиот статус.

Тој вели дека му порачал на Заев да не се одложува решавањето на спорот што го имаат двете земји.

„Двајцата се усогласивме дека решенија што ние мора да ги преземеме во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не е добро да се одложуваат, како во името на нашата заедничка историја, така и во името на нашата заедничка европска иднина “, објави Борисов.

Пермиерот Заев се заблагодарил за честитките на Борисов за реизборот за лидер на СДСМ, а тој пак му посакал успех на изборите во Бугарија.

„Се согласивме дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу нашите две земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство. Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенија кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ“, напиша Заев на Фејсбук.