Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска дека ќе настојува да го либерализира влезот во Србија што е можно повеќе, потенцирајќи дека, покрај заштитата на човековото здравје, целта е да се постигне што е можно поскоро целосно економско закрепнување и раст.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, таа повтори дека на 1 јуни ќе стапи во сила либерализиран режим на граничните премини со четири држави во регионот (Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија), без обврска граѓаните на тие земји да имаат негативен тест за ковид-19 при преминување на границата со Србија.

– За државјаните на овие земји нема потреба од овие тестови, тие ќе влегуваат во Србија како и пред појават на ковид-19 – изјави српската премиерка.

За странците од другите земји засега и понатаму останува во сила обврската да имаат валиден негативен ПЦР тест на коронавирус и одобрување на владина комисија при преминување на границата, изјави Брнабиќ, додавајќи дека странските државјани, доколку се особено важни за српската економија, можат да влезат и без негативен ПЦР тест.

 

МИА