Една изборна единица или големите партии ќе се обидат да останат на шест, со што добиваат повеќе пратеници? Од СДСМ велат не отстапуваат од предлогот, кој го ветија и во предизборната програма, но се правдаат дека тоа не зависело само од нив, туку и од другите партии.

-Ние се залагаме да се трансформира сегашното гласање од неколку изборни единици во една, а граѓаните да имаат право и на преференцијално гласање. Но, за тоа да се случи, се разбира, потребна е согласност од сите партии. Сè додека ВМРО-ДПМНЕ калкулира и тактизира, немаме одговор, вели Бетиан Китев од СДСМ.

Од ДУИ бараат темелна анализа во која ќе бидат опфатени општествените карактериситки на земјата за промена на изборните единици и додаваат дека во моментов постојниот модел се покажал како попретставителен во споредба со другите изборни модели. Од ВМРО-ДПМНЕ велат не коментираат додека траат преговорите меѓу власта и опозицијата за измена на изборното законодавтсво, иако познато е од претходно, дека се декларираат да остане постојниот модел, а во пржинските преговори Груевски бараше и бонус 17 пратеници за победникот на изборите.

Големите партии бараат компромис во воведувањето изборен праг од 3%. Но, ова, според помалите партии е понедемократски од постојниот изборен систем.

Од земјите во ЕУ, Холандија и Словачка имаат една изборна единица, а од соседството Србија и Косово. Компаративните искуства покажуваат дека изборниот праг се движи од околу 1 отсто во Холандија до дури 10 отсто во Турција. Партиите кои за малку не освоија пратеничко место на изборите реагираат дека не смее да се занемарува бројот на пропаднати гласови.

Во потрагата по посоодветен модел и поверодостојна слика за приказ на расположението на гласачите во Македонија, се отвора и прашањето на отворени листи.