Во саботата се одигра најголемото англиско дерби помеѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул кое заврши во корист на екипата од „Олд Трафорд“. Маркус Рашфорд беше херојот кој донесе цел плен за „црвените ѓаволи“, кои ја добија директната битка за второто место на табелата во Премиер лигата.
Несекојдневен и срамен скандал се случи веднаш по натпреварот во кој Џејми Карагер, легендата на „црвените“, ги загуби нервите и плукна кон автомобилот во кое се возеа 14-годишно девојче фан на Јунајтед и нејзиниот татко.
Тие се шегуваа на негова сметка поради поразот во дербито, а потоа добија неочекувана реакција од поранешниот фудбалер на Ливерпул.
Видеото ја згрози англиската јавност, а на Карагер не му преостана ништо освен да испрати јавно извинување кон фамилијата за овој срамен потег.
ТВ куќата, во која што поранешниот англиски репрезентативец работи како стручен аналитичар, веднаш покрена истрага и би можела да му го прекине договорот во наредните неколку дена.