Економско-трговските релации помеѓу Македонија и Германија биле разгледани на средбата помеѓу министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, и германскиот амбасадор Томас Герберих.

Од Кабинетот на министерката соопштија дека на средбата се разговарало и за можностите за нивно понатамошно унапредување и поголемо искористување на потенцијалите за инвестирање во Македонија од страна на германски компании.

Заеднички било констатирано, велат од Кабинетот, дека досегашната економска соработка помеѓу двете држави е на високо ниво, за што освен одличната трговска соработка зборува и фактот дека во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал, во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Германија и Македонија во 2017 година остварија трговска размена од 3,15 милијарди евра.

Амбасадорот Герберих во рамки на средбата потенцирал дека стабилизацијата на политичката клима, работата на реформскиот процес, особено обезбедувањето на правна сигурност се значајни фактори за германските компании да инвестираат во Македонија, и очекува дека позитивниот тренд во економските релации помеѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.

Министерката Апостолска го информирала амбасадорот дека неодамна на сила стапил Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој овозможува стимулирање и поддршка на странските и домашните компании, на еден транспарентен и недискриминирачки начин, да почнуваат нови инвестиции во земјава.

Од страна на германскиот амбасадор и министерката заеднички било оценето дека Германија е значaен политички сојузник на Македонија на патот на европските и евро-атлански интеграции и напредокот што го прави земјава во приближувањето кон ЕУ и НАТО.