Меѓу жртвите на стравичниот пожар што го проголта трговскиот центар во рускиот град Кемерово, наводно е и цело одделение на едно основно училиште, јавуваат свтеските медиуми. Како што пренесуваат, децата дошле со учителката на излет во Кемерово, при што, таа решила да прошета, а децата останале во киното, од каде, за жал не успеале да излезат.

Некои од заробените деца, според информациите, ги повикале родителите или пријателите преку социјалните мрежи, барајќи спас. Тие не можеле да излезат поради огнот, па почнале да се збогуваат со своите најблиски.

Ана Заречнева, која успеала да побегне од огнот, раскажала дека алармот за пожар не се огласил, како и дека таа и нејзиното семејство успеале да побегнат, откако други посетители на трговскиот центар ги известиле за вонредната состојба.

„Моравме да излеземе поради пожарот, не е добро….На третиот спрат, каде што е киното е целосен мрак. Луѓето се во паника, децата плачат….“ рекла Заречнева.

Надлежните служби соопштиле дека над 60 луѓе загинале, а за исчезнатите се уште се трага. Исто така полицијата соопштила дека се уапсени четири лица, а дека се трага по сопственикот на трговскиот центар.