Во Кривичниот суд денеска ќе продолжи судењето за предметот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев за барање поткуп во времето кога бил струмички градоначалник. Денеска се очекува да продолжи слушањето на разговорите од посебните истражни мерки (ПИМ), со што сè почна минатата недела, без присуство на јавноста во судницата.

Снимките ги обезбедил струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, од кои дел јавноста можеше да ги види на платформата „Јутјуб“. Премиерот Заев по завршувањето на минатото рочиште рече дека со слушањето на разговорите ќе се продолжат денеска и оти тоа ќе трае сè додека не се преслушаат сите по што ќе се продолжи со преостанатата доказна постапка.

Адвокатите на Заев побараа исказот на сведокот Иван Николов Сачевалиев од претходното рочиште да не биде прифатен како доказ во постапката. Тие сметаат дека судската постапка не може да се базира на неговиот исказ бидејќи, како што рекоа, тој бил агент провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп. За ова барање судечкиот совет најави дека дополнително ќе се изјасни.

Зоран Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Сачевалиев побарал поткуп од 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.