Јавна презентација и дебата за новото рудно тело „Боров дол“, кое е на територија на општините Штип, Конче и Радовиш денеска се одржа во Штип.

Организатори на презентацијата и дебатата се министерствата за транспорт и врски и за животна средина.

Заменик-менаџерот на рудникот „Бучим“-Радовиш Николајчо Николов вели дека отварањето на рудникот „Боров дол“, кој ќе биде површински коп ќе го продолжи векот на „Бучим“ по 2020 година. Тој истакна дека овој рудник ќе биде модерен и според европските стандарди. Планираат во реализацијата на новиот ископ да вложат 50 милиони евра. Бакарот од „Боров дол“ ќе се транспортира со подвижна лента до постојната флотација на Бучим.

– Во главниот рударски проект, кој е изработен се предвидува отворање на еден современ коп за ископ на бакарна руда со последните мерки и од животната средина, кои се применуваат во Европа, ќе биде таков рудник кој ќе се гради сосема модерно и врз животната средина надвор од концесискиот простор практично нема да има никакво влијание, вели Николов.

Тој истакна дека по ископувањето на јаловината веднаш ќе се реколтивира просторот, што досега не е правено во останатите рудници.

– Од комплексот нема да бидат испуштани води кои не ги задоволуваат условите во постоечките сливни подрачја, да кажеме во реката Лакавица и итн. Значи ќе има пречистителна станица, постојано ќе се врши навлажнување на територијата каде што е рудникот. Нема да има прашина, ќе се врши мониторинг на повеќе точки за да се знае, кога евентуално се надминати дозволените параметри и какви мерки треба да се превземат, вели Николов.

Најблиско населено место до новиот рудник е штипското село Брест, каде што живеат четворица жители, а еден од нив е и Стојанче Трајанов, кој смета дека ќе има бенефит од отварањето на рудникот. Трајанов рече дека раководството на „Бучим“ имало средба со нив и според она што им презентирале нема да има загадување на земјоделските површини во ова село и додаде оти им е ветено дека ќе бидат вработени во новиот рудник.

Градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски истакна дека откако ќе се слушне мислењето на експертите ќе се донесе и одлуката за „Боров дол“ бидејќи дел од овој рудник е на територија на општина Штип.

-Овде се и стручните луѓе од општина Штип коишто работат во делот на животната средина, инспекторите, за на крај да го добиеме и мислењето од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски, според тоа ќе ги носиме нашите одлуки со ингеренциите кои што ги имаме, рече Бочварски.

На денешната презентација и дебата присуствуваа жители на месните заедници од Лакавичкиот регион, Здруженија на граѓани, професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, претставници на државни и локални институции.