На самитот помеѓу ЕУ и Балканот на 17 мај во Софија ќе бидат презентирни првите конкретни чекори за намалување на цените на роамингот со земјите од ЕУ, изјави комесарката за дигититална економија Марија Габриел во интервју за МИА која веќе преговара со мобилните оператори.
– Зборуваме за роаминг меѓу земјите од регионот, но и со земјите од ЕУ, затоа е важен проектот. Второ си дадовме за цел патоказот за намалување на цените на роаминот да го презентираме на 17 мај во Софија. Важно е да не се создадат нереалистични очекувања, не може да биде „roam like at home“ за регионот едноставно затоа што има судски пречки, земјите не се дел од економската заедница. Ова е процес кој е доста комплексен и деликатен затоа од првиот ден го започнав штом дојдов на оваа функција во јули 2017.
Сега направивме легална студија за да ги имаме предвид сите судски аспекти, започнав дијалог со телеком операторите во регионот. Имав две тркалезни маси со нив, сега дискутираме за деталите, нашата цел е да имаме уште еден состанок до крајот на април за да можеме по оваа трета средба да излеземе со договор кој ќе биде презентиран на 17 мај. Идејата е да можеме да им кажеме на граѓаните во регионот дека заедно со операторите, земјите-членки и земјите од регионот се договоривме да има директен позитивен ефект.
Не заборавајте дека на ЕУ и требаа десет години за ова. Никој не може да очекува дека ова ќе се случи за шест месеци, но мојата цел е да постигнеме договор кој ќе овозможи сите страни, во почитување на стриктните правила на конкурентноста на ЕУ, и треба да се биде многу внимателен за тоа, да имаме ангажмани кои би биле почитувани, затоа толку преговарам со операторите, барам политичка поддршка на највиско ниво, од земјите членки, од претседателот Јункер, тоа е тема која е многу важна, која бара многу напори, но решени сме да го направиме за да може на 17 мај да се презентира, вели Габриел.
Комесарката не сакаше да каже кои се главните пречки во преговорите но ја објасни комплексноста на зафатот:
– Има повеќе аспекти. Има реалности на терен, има локални регулатори, има многу работи, сакам да кажам дека ниеден аспект не сум го заборавила, се е на маса кога дискутираме со операторите, ова е многу отворен дијалог, мојата порака до операторите беше многу јасна, има невидена прилика, никогаш Западниот Балкан не бил волку високо на политичката агенда на ЕУ, приликата е да направиме оваа европска перспектива да има конкретни аспекти и најконкретното се цените на роамингот.
Ќе биде добро за сите, бидејќи тоа им отвора прилики на операторите. Повеќе корисници за нив, колку луѓе меѓу нас го исклучуваат телефонот кога влегуваат на Западниот Балкан? Многу. А доколку се намалат цените многу луѓе ќе престанат тоа да го прават. Така што треба да продолжиме да соработуваме во добар дух, да правиме напори затоа што вреди, граѓаните се во срцето на нашите политики, вели Габриел за МИА.
Комесарката Габриел ќе биде во Скопје на првиот дигитален самит што треба да се одржи на 18 и 19 април. Во интервјуто таа зборува за повеќе аспекти на овој состанок на високо ниво, за скандалот со Фејсбук и Кембриџ Аналитика но и за проширувањето и самитот во Софија на 17 мај.
– Ова е прв министерски самит, тоа покажува колку е високо на агендата дигиталната трансформација на овие земји. Тоа е добро продолжување на стратегијата на ЕУ, за прв пат е вклучена дигиталната агенда. Сега има политичка волја на највисоко ниво и со министрите, земјите се ангажирани на патот на дигиталната трансформација, тоа е дел од нивниот пат во европска перспектива.
За време на овој самит ќе зборуваме за конкретни теми, теми кои носат конкретни бенефити за граѓаните на регионот, за претпријатие, и кои даваат можности за регионот преку дигитализацијата да ја забрзаат европската персепктива. Сите знаеме дека ова е процес заснован на заслуга, на реформи, но благодарение на дигитализцијата овие реформи можат да се забрзаат.
За време на овој самит ќе зборуваме и за сајбер-безбедноста, за дигитални компетентности, што е многу важно, за мене ова е број еден приоритет. Ќе зборуваме за фирмите, економијата на податоци и ќе биде навистина добра прилика за регионот да го потврди својот ангажман во дигиталната трансформација и потоа да дискутираме за конкретни проекти.
Дали може да дадете конкретен пример како дигитализацијата може да помогне да се забрза европската перспектива?
Зборуваме сите за реформи во судството, за правната држава. Транспарентноста може многу полесно да се постигне преку дигитализацијата. На пример, вклучително и во ЕУ, го финализираме законодавството за електронски докази во судството, ова е нешто што може да му помогне на судството да располага со база на податоци и некои етапи во процесот на одлучување можат значително да се скусат. Може да помогне да се забрза економскиот развој бидејќи се потребни реформи за пазарната економија. За тоа треба да се поддржат претпријатијата. Што можеме да направиме? Да издвоиме средства прво за конективноста, потоа за креација на тнр „digital innovation hubs“. Ова е прилика за малите и средни претпријатија да ги тестираат своите бизнис модели и на тој начин да придонесат за развојот на економијата. Зборуваме и за младите, просперитетен регион е регион во кој младите имаат перспективи, ако мислиме на „digital opportunity scheme“ кои ќе им овозможат на младите да добиваат стажеви кои ќе им донесат бенефити затоа што ќе се стекнат со дигитално знаење, за quantum technology или blockchain, тоа ќе им овозможи да видат дека има перспективи во нивните земји и да се развијат и да придонесат за развојот на нивните земји.
Има и многу чувствителни теми како борбата против илегални содржини. Знаеме колку говорот на омраза, терористичката пропаганда, радикализацијата, злоупотребата на деца се теми кои се неприфатливи за нашите демократски општества и благодарение на дигитализацијата нашите земји можат да се справат со овој предизвик побрзо, особено што овие феномени не познаваат граници, и тоа го знаеме.
Исто и со сајбер-безбедноста, сајбер нападите не познаваат граници, не ги засегаат само нашите лични податоци, може да засегнат критични сектори како транспортот, енергијата, замислете ако се случи во болница кога има операции, ќе биде важно да се асоцираат земји во агенцијата ЕНИСА, да добијат статус на набљудувачи. Можеме веќе сега да воспоставиме рамка за потесна соработка.
Со колкава сума може да очекуваме Европската Комисија да учествува за овие проекти во регионот?
Никој не може да ви даде сума, затоа што прво тоа не е моја директна одговорност, на тоа работиме заедно со високата претставничка и со комесарот Хан, и го гледаме производот на оваа соработка, а тоа е вклучувањето на дигиталната агенда во стратегијата на ЕУ. Сега ја идентификувавме потребата од дигитална агенда, тоа покажува дека ако продолжиме во тој дух, благодарение на средбата идната недела ќе може да напредуваме преку идентификување конкретни. Тоа ни треба сега. За да може да издвоиме сума, треба да имаме проекти, проекти кои ќе донесат нешто, затоа е ова важна прилика, да ги слушнеме на овој самит потребите, кои се проектите кои ќе имаат бенефити на краток и долг рок, затоа ќе напредуваме на конкретен план. Мислам дека не е корисно да кажеме толку пари има, и да мислиме само тоа да го развиеме, она што е важно е да има проекти и потоа да видиме дали тоа соодветствува со средствата кои се на располагање во европскиот буџет. Имаме фондови, претпристапни, ИСПА, имаме средства за широкопојасен интернет, развој на рурални региони, средства за млади, за претпријатија. Но сега, по пасусот за дигиталната агенда, време е да навлеземе во деталите, и затоа самитот во Скопје ќе биде прв чекор. Најважниот чекор ќе биде самитот во Софија, тогаш дигиталната агенда ќе може многу повеќе да се развие. Но сметаме на земјите. Ја слушнавме пораката дека за земјите е приоритет, дека благодарение на дигитализацијата може да ја напреднеме европската интеграција, но сега повторно на вас е да ни докажете кои се прокети кои ви требаат и како сакате да се справите со предизивиците.
Едно политичко прашање… Дали прашањата со конективноста, дигиталната агенда, роамингот не се начин да се заобиколи прашањето на процесот на зачленување за земјите од Западниот Балкан?
На што се базираат тие информации? Кога велам дека е прилика: во февруари се објави стратегија за проширување на ЕУ, во април се извештаите за напредокот, кои уште не се објавени, потоа е самиот во Софија, потоа во јуни ќе има заклучоци на Советот на ЕУ за проширување, такво внимание не им се дава на региони кои не напредуваат. Треба некогаш и да се чита помеѓу редовите на дипломатскиот речник на ЕУ и мислам дека колку повеќе го задржиме тој позитивен дух дека само заедно и со труд и отворено напредуваме.
Конкретно, ете, фактот што неколку земји членки не сакаа самитот во Софија да се нарекува „самит на проширувањето“…
Што е поважно? Да имате самит кој ќе се нарече „самит на проширување“ и потоа ништо да не смени, или да имате самит во кој ќе се понудат конкретни чекори и во кој ќе се истакне напредокот за процесот да се забрза? Мене повеќе ми се допаѓа втората варијанта. Тоа беше многу силна порака во февруари, во стратегија за Западен Балкан: вие сте добредојдени, ова е многу голема промена споредено со пред три, четири години само.
Во 2014 беше јасно: нема проширување. Да не се лажеме, ова е дебата која не е лесна за одредени земји членки. Да, има земји за кои е приоритет, но она што е важно во овој контекст е да се подвлечат напорите на бугарското претседателство. И на бугарскиот премиер, кој преку многу напорна работа, преку длабоко разбирање на специфичностите на регионот, со тек на време успеа да ги убеди лидерите на ЕУ да ја вратат темата на дневен ред, нешто што беше незамисливо до пред само една година.
И тоа е тоа што го чувствуваме од земјите во регионот, една мудрост, дека не вреди да се брза, подобро е процесот да се случи чекор по чекор за потоа да има навистина чувство дека таа европска интеграција се должи на напорите на земјата, не е нешто наметнато, никој друг не го наметнал ритамот. И таа порака е многу јасно примена. Кога ги гледаме земјите од регионот, гледаме дека има јасно освестување.
Не заборавајте дека е подобро да сте целосно земја членка, колку и за тоа да е потребно време, отколку да имате ситуација како онаа на Бугарија и Романија со механизам на верификација и соработка кој понекогаш дава впечаток дека станува збор за втора категорија европски граѓани и држави. Тоа се лекциите што ги извлековме.
За крај да ве прашам за скандалот со Фејсбук и Кембриџ Аналитика бидејќи законодавството за заштита на лични податоци е во ваше портфолио. Една од одредбите е дека условите за употреба во иднина ќе треба да бидат многу јасни и кратки. Дали не стравувате дека низ мала врата ќе се протнуваат злоупотребите поради тоа?
Никој никогаш нема да може да го спречи развојот на новите технологии, но ние во ЕУ бевме способни да предвидиме дека ваков тип на ситуации можат да се случат. Две години ја имаме оваа стратегија за дигиталниот пазар, за еден месец новото законодавство ќе се применува. Тоа значи дека многу предвреме ја видовме оваа ситуација. Затоа бевме многу јасни, за нас заштитата на личните податоци е вредност, тоа не е нешто за кое се преговара и денеска ЕУ испраќа многу силна порака, тоа е дека преземавме мерки за личните податоци да се сочуваат.
Паралелно, не останавме на тоа, имаме и регулатива за електронска приватност. Имаме заштита на лични податоци и доверливост на комуникацијата, тоа е регулативата за електронска приватност. Затоа во срцето на двете легислативи се наоѓа согласноста на корисниците. Секој од нас треба да знае кога, зошто, за кои цели се користат неговите податоци, да ја даде својата согласност или не. За нас ова беше многу јасна порака. Истовремено ја започнавме и работата врз „лажните вести“, дезинформацијата на интернет, Работната група која ја креирав го даде својот извештај, направи јавна консултација, студија на Евробарометарот. На 25 април ќе ја објавам мојата комуникација на таа тема. Силна порака од ЕК. Можевме да ја предвидиме оваа ситуација, преземавме мерки, способни сме да ги заштитиме нашите европски граѓани, и притоа уште еднаш ги потврдуваме нашите вредности: транспарентноста, заштитата на личните податоци, за нас тоа е фундаментално, за тоа не се преговара.