Градоначалникот Филип Темелковски денес на свеченото затворање на „Балкан куп 2018“ на најдобрите клубови им додели пехари. Во спортската сала „Независна Македонија“ Темелковски го проследи финалниот кошаркарски натпревар, кој се одигра помеѓу екипите на ФМП Академија и Вардар, истиот заврши со резултат 86 – 79.

Градоначалникот Филип Темелковски во своето обраќање пред присутните на организаторот му упати честитки за успешната организација на „Балкан куп 2018“. Воедно, и на сите учесници им честиташе за освоените места.

Темелковски истакна дека преку организирање на спортски настани како овој може многу да се допринесе за унапредување на кошарката и сите останати спортови. Од страна на градоначалникот Темелковски беше нагласено дека Општина Кисела Вода и во иднина ќе продолжи да ги поддржува сите спортски настани кои ќе придонесат за развивање на спортот.

Додека, од страна на Никола Божиноски, организатор на „Балкан куп 2018“, на Темелковски му беше доделена благодарница за успешна соработка и допринос во организацијата на турнирот.

Воедно, организаторот на овој голем спортски настан кој за прв пат се одржа во Општина Кисела Вода, изрази голема благодарност за реализацијата и поддршката која ја добија директно од градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски.

Прво место на овој куп освои екипата на ФМП Академија, второ место Вардар, додека третото место го освои екипата од Пловдив.

Имено, „Балкан куп 2018“ се одржа по покровителство на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски. За потсетување, на „Балкан куп 2018“ учествуваа екипи од Македонија, Србија и Бугарија.

Екипите беа составени од млади талентирани кошаркари до 14-годишна возраст.