Генералниот секретар на ОН Антонио Гутерeш побара од Доналд Трамп да не отстапува од меѓународниот договор со Иран со кој земјата се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма.

Говорејќи за Би-Би-Си, Гутереш рече дека постои реален ризик од војна ако договорот не се зачува договорот од 2015 година.

Американскиот претседател има рок до 12 мај да одлучи дали да се држи до договорот.

“Ние не треба да го укинеме ако немаме добра алтернатива”, рече Гутереш, додавајќи: “Се соочуваме со опасни времиња”.

За разлика од европските сојузници Франција, Велика Британија и Германија кои се  согласуваат дека спроведувањето на сегашниот нуклеарен договор со Иран е најдобриот начин да се спречи развојот на нуклеарното оружје,американскиот државен секретар Мајк Помпео кажа дека нуклеарниот договор од времето на Обама „е изграден од лаги“.

Во 2015 година, Техеран потпиша договор со САД, Кина, Русија, Германија, Франција и Велика Британија. Иран се согласи  да ги ограничи своите нуклеарни активности во замена за укинување на економските санкции. Во понеделникот израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Иран не го почитува договорот и  дека неговата влада има „половина тон“ тајни ирански документи што покажуваат дека Техеран имал програма за нуклеарно вооружување.  Техеран ги отфрли таквите тврдења, обвинувајќи го израелскиот премиер дека е лажго.