Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по покана на бриселскиот тинк-тенк Центар за европски студии „Вилфрид Мартенс“, (официјален тинк-тенк на Европската народна партија), учествуваше на онлајн-дебата на тема: „Балканот во нова ера – преглед на хрватското ЕУ-претседателство“.

За време на дискусијата се направи осврт на досегашниот тек на т.н. прво виртуелно претседателство со Советот на ЕУ од страна на најмладата земја членка – Хрватска во контекст на исклучително сложени околности со оглед на пандемијата, кое и покрај тоа успеа да испорача повеќе клучни чекори, како одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија. Притоа фокус се даде и на следните чекори и очекувања за време и по хрватското претседателство во однос на нашата евроинтеграција, како и на новата методологија за пристапниот процес, динамиката во регионалните односи и, секако, на исходот од вчерашниот виртуелен загрепски самит ЕУ-Западен Балкан.

„Можеби хрватското претседателство со Советот на ЕУ може да се нарече виртуелно во логистичка смисла, но за нас, дефинитивно, беше суштествено во политичка смисла. И за тоа сме им исклучително благодарни на нашите хрватски пријатели. Во однос на вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан, самиот факт што се одржа во вакви околности, како и досегашната и идната поддршка од страна на ЕУ за справување со здравствените и социо-економските последици од пандемијата, се повеќе од јасен сигнал за значењето и идното место на Западен Балкан во Европската Унија. Чувството на заедништво и солидарност, кое се создаде во текот на кризата предизвикана од пандемијата меѓу ЕУ и Западен Балкан, неопходно е да се одржи и во постпандемската иднина и да се употреби како двигател за конечно комплетирање на ЕУ-проектот, што е од несомнен заемен интерес“, рече Димитров.

Во дискусијата, покрај Димитров, учествуваа и хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, и европратеникот и претседавач на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер (Европска народна партија), а во улога на модератор беше Патрик Волер, секретар за надворешни односи на ЕНП.