Сопственикот на Хофенхајм, Дитмар Хоп одново е во центарот на вниманието, негова компанија треба да обезбеди вакцина против коронавирусот и веќе има понуда вредна една милјарда долари од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Пред две недели, Дитмар Хоп беше цел на фудбалските навивачи ширум Германија, на голем број стадиони беа објавени пароли со навредлива содржина, неколку натпревари беа прекинати, а најголем скандал се случи на дуелот помеѓу Хофенхајм и Баерн Минхен, каде во последните 15 минути немаше фудбал, и играчите само си ја подаваа топката.
Дитмар Хоп сега повторно е во центарот на вниманието, компанијата „КјурВак“ во која тој е главен инвеститор, треба да обезбеди вакцина против коронавирусот.
Но не само тоа, претседателот на САД, Доналд Трамп понудил 1 милјарда долари за да добие екслузивно право на вакцината, и таа да може да се користи само во САД. Ваквиот потег предизвика „војна“ на реалција Вашингтон-Берлин.
Властите во Германија не сакаат да слушнат за вакво сценарио, а на нивна страна е и Дитмар Хоп, кој смета дека вакцината треба да биде достапна на сите луѓе ширум светот.