Министрите за надворешни работи на Грција и Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров договориле рамка за компромис за името и сега работите за конечен договор се во рацете на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Димитров вчера на работен појадок ги запозна министрите на земјите-членки на ЕУ со текот на преговорите за името, постигнувањата на Република Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските односи, како и со плановите на Владата и очекувањата во периодот кој доаѓа.

По завршувањето на состанокот, Димитров рече дека разговорите се во крајна фаза и изрази надеж дека е изводливо до Самитот на ЕУ на 28 јуни да се најде решение.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во врска со преговорите за името вчера рече дека двајцата министри завршиле со она што го преземале од премиерите на двете земји. Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, по појадокот со македонскиот министер Никола Димитров во Брисел излезе со изјава за поддршка на процесот за изнаоѓање решение за името.

Могерини вчера на прес-конференцијата по советот на министри на ЕУ, на прашање за отпорот на одредени земји-членки за старт на преговори со Македонија, одговори дека „моќта на добрата вест што ќе ја донесе решение за името ќе биде толку силно поздравена од меѓународната заедница и ЕУ што сите земји ќе мораат ова да го земат предвид“.