Процесот на модернизација на електричната мрежа во општина Арачиново е успешно завршен. По оваа инвестиција граѓаните добиваат квалитетни услуги, додека загубите, кои порано беа над 80 отсто, сега се под 10, соопштија од ЕВН. Од компанијата велат дека со оваа инвестиција е минимизиран бројот на дефекти, има континуирано и квалитетно снабдување со струја. Проектот траеше 9 месеци, беа преместени 850 мерни станици, 2.800 броила и поставен повеќе од 50 километри нов надземен нисконапонски кабел.

„Станува збор за одредени лица кои ја попречуваа работата на екипите за дистрибуција на електрична енергија, најголем дел од жителите бараа кражбите да престанат. Со прекинот на кражбите има подобрување на дистрибутивната мрежа и тој дел можеме да го снабдуваме без проблем”, рече Ардит Садику, Раководител.

„Европскиот граѓанин е дисциплиниран, европскиот граѓанин е посветен на животот и мислам дека заедно со мојот тим и пред сè во директна соработка со граѓаните постигнавме добри, сеопфатни резултати“, рече Ридван Ибраими, градоначалник на општина Арачиново.