ЕКОНОМИЈА

Европската економија пред историска рецесија

Објавено пред

 

Европската економија се соочува со историска рецесија, истакнаа од Европската комисија (ЕК) во својата прва економска прогноза од воведувањето мерки за спречување на новиот коронавирус додавајќи дека рецесијата ќе биде длабока и нееднаква, а закрепнувањето е неизвесно.

ЕК проценува дека еврозоната оваа година ќе забележи пад на домашниот бруто-производ (БДП) од 7,7 проценти и зголемување од 6,3 проценти в година, пренесува словенечката агенција СТА.

„Пандемијата на коронавирусот е голем шок за глобалната и европската економија, со многу сериозни социо-економски последици. Економијата на Европската Унија годинава ќе доживее рецесија од историски размери“, рекоа претставниците на ЕК. Според нив, Европа го доживеала најлошиот економски шок од големата депресија.

Во февруари ЕК предвиде 1,2 процент раст на БДП за еврозоната оваа и в година, што беше исто како и во ноември, но неколку месеци подоцна прогнозата беше полоша за речиси девет проценти. Во еврозоната се предвидува рекорден пад на БДП од 7,7 проценти и 7,4 отсто во цела ЕУ годинава. Економијата во еврозоната се очекува да порасне 6,3 проценти в година.

Најголем пад на БДП оваа година е предвиден во Грција – 9,7 проценти, Италија – 9,5 проценти и Шпанија – 9,4 проценти. Најниско намалување ќе има во Луксембург – 5,4 проценти, Австрија – 5,5 проценти и Малта – 5,8 проценти.

„Закрепнувањето на секој член не зависи само од развојот на пандемијата, туку и од структурата на економијата и од можноста да одговорат на политиките за стабилизација. Со оглед на меѓузависноста на економиите во ЕУ, динамиката на закрепнување во одделни земји членки ќе влијае врз закрепнувањето на другите земји членки“, соопшти ЕК.