Францускиот претседател Емануел Макрон ја доби престижната германска награда „Карло Велики“ на церемонија во Ахен како признание за неговата визија за нова Европа, пренесува „Дојче веле“. Макрон е награден за својот придонес во европската кохезија и интеграција.
Од Одборот на директори за наградата „Карло Велики“ изјавија дека му ја доделуваат наградата на Макрон како признание за неговата визија за нова Европа и за неговиот одлучен став против национализмот и изолационизмот.
Во својот говор по добивањето на наградата, Макрон ги изложи своите долгорочни цели за европскиот блок и пофали европскиот проект за одржување на чудесниот 70-годишен мир на континентот, истакнувајќи ја притоа својата визија за иднината.
Францускиот претседател повика на поголемо единство меѓу земјите-членки и предупреди дека поделбите што се појавија за време на кризата во еврозоната и мигрантската криза ризикуваат да го поткопаат проектот на ЕУ. Макрон инсистираше на тоа дека заедничкиот буџет на еврозоната е клучен за да се гарантира единството на ЕУ. Тој ја повика Германија да го надмине својот фетиш за буџетски вишок и да работи со него на реализирање подлабока економска соработка.
“Потребен ни е амбициозен европски буџет и еврозона со сопствен буџет кој овозможува инвестиции и конвергенција меѓу земјите-членки. Мора да се бориме за нова и посилна Европа … сега е време”, рече тој.
Годишната награда „Карло Велики“ им се доделува на јавни личности кои го промовираат европското единство. Именувана е по основачот на Римското царство кој почнал серија војни и политички реформи за да изгради континентална европска империја. Карло Велики бил крунисан во Ахен во 800 година.