Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Анкара се сретна со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. Како што соопшти собраниската прес-служба, Ердоган ја нагласил поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, како и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. Тој истакнал дека Турција беше една од првите држави што ја призна нашата земја под нејзиното уставно име, таа прва отвори амбасада и назначи амбасадор во земјата.

Истовремено, турскиот претседател се осврнал на потребата за интензивирање на економската соработка реафирмирајќи ја заложбата годишната трговска размена меѓу Турција и Македонија да се искачи на една милијарда долари.

Џафери го информирал Ердоган за добивањето позитивен извештај и безусловна препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ од страна на Европската комисија како резултат на постигнатиот прогрес во земјата. Исто така, Џафери нагласил дека парламентарното мнозинство во Република Македонија е сериозно определено за реализација на реформската агенда потврдувајќи ја посветеноста кон основните демократски вредности, владеењето на правото, почитувањето на човековите права, градењето добрососедски односи и решавањето на отворените прашања.

„На средбата стана збор и за потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот, при што беше нагласено дека Република Македонија го осуди обидот за државен удар во Турција и ги поддржува демократски избраните институции“, се вели во соопштението.