Откако владата најави дека е можно раскинување на договорот за концесија за рудникот за злато Иловица кај струмичко заради некомплетна документација, се огласи концесионерот „Еуромакс ресорсис“.Оваа компанија смета дека ги имаат доставено сите неопходни документи кои можеле да се достават пред две години, имајки в предвид дека одредени процеси доцнеле поради политичката криза и ограничувачката моќ на одлучување на техничката влада пред државната антикорупциска комисија.

 „Еуромакс“ со нетрпение очекува да продолжи со конструктивна соработка со владата за да се изнајде заемно прифатливо решение за сите отворени прашања во рамките на владеењето на правото“ – се вели во реакцијата на компанијата која ја поздравува одлуката на владата да го провери статусот на овој проект.

Од „Еуромакс“ информираат нема да употребуваат цијанид во процесот на преработка на рудата, туку дека ќе биде употребена модерна рударска технологија при што ќе се обезбеди одржива заштита на животната средина. Целокупната инвестиција на „Еуромакс“ за рудникот Иловица е 343 милиони евра, а во првите две години од изградбата на рудникот, проектот ќе создаде над 3,200 директни и индиректни работни места.