Да се донесе позитивна одлука за отворањена преговорите за членство со Македонија на Самитот на ЕУ  закажан за 26 и 27 Март, со препорака нивниот старт со т.н. меѓувладина конференција да биде во јуни. Тоа според работен документ, кој кружи во дипломатски кругови во Брисел, би требало да биде препораката на шефовите на дипломатитие на Унијата, кои според планираната агенда, треба да се состанат два дена пред лидерскиот Самит , на 24 Март на Советот за општи работи во Брисел.

Во документот, во кој Телма имаше увид, се препорачува Комисијата да подготви преговарачка рамка не подоцна од јуни. Преговорите, со првата т.н. меѓувладина конференција би почнале, како што пишува во документот „да се свика без одлагање по усвојувањето на рамката за преговори од страна на Советот“.

Ова, велат дипломатски извори во Брисел, е нацрт-верзијата што е веќе усогласена на стручните тела кои на амбасадорско ниво ги подготвуваат состаноците на министрите за надворешни работи.

Во Брисел владее оптимизам, тврди истиот извор, дека со новата методологија и позитивниот извештај на Европската Комисија од 2-ри март се надминати пречките за отворање на преговорите и не се очекуваат дополнителни забелешки или услови од некоја од земјите членки.

Иако во документот, во кој Телма имаше увид, не се прецизира датумот за првата Меѓувладина конференција, според дел од досегашната пракса, тоа би требало да се случи, заедно со усвојувањето на преговарачката рамка, односно во јуни. Но можно е одржувањето на првата Меѓувладина конференција и дополнително да се прецизира, а се ќе зависи, велат дипломати упатени во подготовките на Советот на министри, од процесот на доусогласување во следните денови.  

Според условената препорака од јуни 2018-тата, одлуката за почеток на преговори со Македонија требаше да биде донесена на Самитот во јуни 2019-тата, а првата Меѓувладина конфееренција да се одржи кон крајот на декември лани. Но одлуката беше одложена за октомври, кога се случи и големото разочарување од уште едно одлагање поради инсистирањето на Франција, пред отворањето на пристапни преговори со нови земји кандидаатки, ЕУ прво да го ревидира начинот на преговори, што се случи со новата методологија предложена од Комисијата во февруари годинава.

Доколку се оди според најавената агенда, веќе идниот вторник Советот на ЕУ за општи прашања, кој заседава на ниво на министри за надворешни работи и европски прашања, би требало да ја потврди препораката за отворање на преговори.

И покрај кризната состојба со корона вирусот, состаноците за идната недела на кои треба да се потврдат овие одлуки, засега не се одложени. Доколку состојбата не дозволи собир – прво на министрите, а потоа и на лидерите на земјите членки на ЕУ – во Брисел, постои можност тие да се одржат преку видео – конференциска врска.

Објави Телма.