Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, учествуваше на вонредниот состанок на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), кој се одржа преку видеоконференција, а на кој се разговараше за надминување на економските последици предизвикани од кризата поради коронавирусот.

Во своето обраќање Заев истакна дека сега, во време кога Еворпската Унија и целиот континент се соочуваат со здравствена и економска криза, е момент за европска солидарност и редизајнирање на мерките за помош и поддршка, особено на најранливите.

Заев го поздрави предлогот на пратеничката група на ПЕС поднесен до Европскиот парламент, кој има цел подготовка на пакет-мерки за справување со економските последици од Ковид-19.

„Целосно го поддржувам предлог-планот за брзо економско закрепнување во вредност од 1,3 милион билони евра, средства што во голем дел како форма на грантови ќе се распоредуваат во државите за излез од кризата“, посочи лидерот на СДСМ.

Тој ја искористи можноста да се заблагодари на помошта што земјава ја добива од Унијата во справување со здравствените и економските последици.

„Благодарни сме што нашата земја е исклучок во забраната за извоз на здравствена опрема од ЕУ, што нашата држава е вклучена и добива помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Секако, голема благодарност и за финансиската помош од ЕУ. За нас, тоа се значајни финансиски средства затоа што создаваме план за спас на секое работно место, за зачувување на секоја компанија“, нагласи Заев во обраќањето.