Градежна офанзива на водоводната и канализациска мрежа во населените места во општините, најавија премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција во Владата.

– Работите на терен веќе се во полн ек- истакна Заев, и додаде дека Владата влегува во завршницата на 31 проект за водоводи, канализации и пречистителни станици во исто толку општини или населени места, проекти во вредност од близу 17 милиони евра.

– Ниту една општина нема да биде запоставена. Владата ќе работи на рамномерен развој и распределба на средствата во руралните средини и ќе овозможи подобрување на животот и здравјето на граѓаните со изградбата на планираните канализациони и водоводни системи – нагласи премиерот Заев.

Дел од парите за овие зафати, како што појасни премиерот се обезбедени од буџетот, а дел од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

– Паралелно со тоа на крај се разговорите за финансирањето на проектите од ТАВ, што обезбедуваат вкупно 35 милиони евра, и дополнителни 25 милиони евра од заштеди од државни институции, кои што ги направивме во периодот наназад, а ќе бидат алоцирани, а за изградба на дополнителни водоводи, канализациони мрежи и рековме, детски градинки, училишта, кои што сите заедно се вкупно околу 60 милиони евра – рече премиерот. Со оваа поддршка на Владата процентот на покриеност со канализација од сегашните 18 отсто ќе достигне 40 отсто. Нашата цел до крајот на мандатот да им помогнеме на локалните заедници, овој процент на покриеност со канализациона мрежа да биде максимален – рече премиерот, дополнувајќи дека ова се услови предвидени за усогласувањето на животните стандарди на граѓаните со оние на ЕУ.

Министерот за транспорт и врски , Горан Сугарески, акцентирајќи ја програмската определба на Владата за обезбедување на високо ниво на покриеност со канализациона и водоводна мрежа на територијата на Македонија, истакна дека проектите се остваруваат со финансиски средства од буџетот на министерството, и во соработка со ЕИБ, германската КФБ банка за поддршка на развојот, како и со помошта од секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

– Тоа што сакам да нагласам е дека на располагање остануваат околу 12 милиони евра неискористени средства од кредитната линија од ЕИБ. Затоа ги повикуваме сите општини кои се уште имаат на располагање средства да побрзаат, да достават готови проекти до Министерството за да можеме да ги реализираме. Затоа апелот се однесува до сите градоначалници на кои се уште им остануваат на располагање овие пари – изјави Сугарески.