Премиерот, Зоран Заев, во заедничката изјава по средбата со косовскиот претседател, Хашим Тачи, најави интензивирање на економската соработка преку воспоставување на мешовит комитет, како и градење на стратегии за интеракција меѓу бизнис заедниците со Косово.

Заев исто така изрази уверување дека новиот граничен премин и инфраструктурната поврзаност со патот Блаце-Скопје ќе има позитивно влијание врз обемот на трговијата.

Тој посочи дека значајни се настојувањата и за подобрување на енергетската соработка.

„Косовскиот лигнит за македонските компании е од особено значење. Ние пак ќе ја поддржиме изградбата на гасовод кон Косово“, рече македонскиот премиер, кој најави дека сите овие прашања ќе бидат разгледувани и на заедничка владина седница која треба да се одржи наскоро.

Тој додаде дека Македонија го поддржува позитивното решение за Косово кое ќе ја подобри благосостојбата во регионот и за сите засегнати страни.

„Македонија го поздравува дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој го сметаме за клучен за стабилноста. Тоа ќе биде решение за зајакнување на мирот во Србија и Косово”, рече премиерот Зоран Заев.