Делиме исти европски вредности, луѓето сакаат да живеат слободно, да им веруваат на своите соседи, сакаат свет што е фер и што им дава шанса на сите. Затоа да бидеме здружени и заедно да ја градиме нашата заедничка Европа, им порача премиерот Зоран Заев на учесниците на Пролетното федерално собрание на Младите европски федералисти, што викендов се одржува во Скопје.

Тој посочи дека младите знаат што е најдобро за нив и нагласи дека очекува ЕК и ЕУ наскоро да и дадат шанса на Македонија да ги спроведува европските вредности како рамноправен партнер во европската заедница.

– Директната вклученост на младите во креирањето на политиките и политичката ангажираност е основа за прогрес на демократските заедници кои постојано се унапредуваат и се спроведуваат – рече Заев и додаде дека политиката не смее да биде само на политичарите и партиите, туку е и мора да биде и на граѓаните, а особено на младите.

Тој посочи дека македонската Влада е посветена на две теми – младите и евроинтеграциите и додаде дека Младите европски федералисти до неодамна се застапуваат за задржување на европските вредности во Македонија и за спроведување на принципите на ЕУ во решавањето на политичката криза во земјава која, како што кажа, беше предизвикана од политики што ја водеа државата во спротивна насока од Европската унија.

– Мојата визија и сите чекори што Владата ги презема се насочени кон ЕУ и нејзините вредности, а со тоа и кон подобрување на животот на граѓаните во слободен и демократски политички амбиент. За Македонија нема алтернатива освен ЕУ и НАТО, но нема и друга алтернатива освен подобар живот за граѓаните – рече Заев.

Претседателот на Младите европски федералисти Кристофер Глик истакна дека вистинското место за Македонија е да биде полноправна членка на ЕУ. Тој порача дека младите треба да направат се за да ја обединат Европа одвнатре.

– Треба да ги надминеме проблемите во еврозонота пред да ја прошириме. На Европа и требаат идеи, а токму за тоа ќе разговараме викендов во Скопје какви визии за проширување и требаат на Европа и за решавање на проблемите на еврозоната – рече Глик.

Потпретседателот на Собранието, Фросина Ташевска Ременски ги потсети Младите европски федералисти на 1968 година кога студентите, како што кажа, направија вистинска револуција во Европа и му дадоа други насоки на Континентот и се изборија за демократија и заедништво. Правецот на новите европски принципи, како што кажа, и ден денес е водилка на повеќе европски земји, меѓу кои и на Македонија.

– Улогата на младинските движења е од исклучително значење. Токму затоа вратите на Собранието се отворени за нивните идеи, а креаторите на политиките треба постојано да ги унапредуваат младинските политики – рече Ременска и додаде дека само квалитетно образование со широк спектар може да продуцира здрави граѓани кои на секој начин ќе ја одбранат демократијата.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев нагласи дека ЕУ се соочува со многу предизвици кои, како што рече, може да се надминат само ако сите сме единствени како Континент.

– Мора да работиме да им кажеме на граѓаните дека проширувањето на Унијата е во корист и на граѓаните на ЕУ и дека се непотребни нивните физички и економски стравови од проширувањето, рече Ковачев и додаде дека Европа не е ефикасна како САД, Кина, Русија…, бидејќи нема избран претседател на Европската унија.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов порача дека Македонија може и треба да биде дел од ЕУ. Тој нагласи дека многу образовани млади кадри ја напуштаат Македонија во потрага по работа и подобар живот во Европа. Град Скопје, додаде, се обидува да креира подобри работни места за младите да не ја напуштаат земјата.

– Сакаме да им овозможиме на сите оние што од различни причини ја напуштиле земјата да се вратат тука, бидејќи овде е нивниот дом – потенцира Шилегов.