Во врска со процесот, таканаречен “Поткуп” денеска заврши рочиштето во коешто бев испрашуван од страна на моите адвокати, од страна на јавниот обвинител и од страна на судот како обвинето лице во овој процес.

Мислам дека дадов одговор за сите важни прашања, се докажа и преку тоа што досега се знае, и преку сведочењето на сведокот, и преку исказите, дека тоа што беше јавно објавено не соодветствува со целата снимка којашто ја гледавме овде, веројатно тоа ќе си го утврди и самиот суд, односно, се докажа дека само мал сегмент од таа снимка е објавена во јавноста.

Жалам што судот одлучи да не се објавуваат снимките јавно. Дефинитивно преку сите овие искази коишто се зедоа од мене како обвинето лице, од сведокот, гледањето на целосни видео снимки, онака како што постоеле, како и слушањето на телефонските разговори обезбедени од ПИ мерките и сите докази коишто ги дадовме во прилог, јас навистина очекувам да финишира овој процес онака како што ќе одлучи судот и по ова јас очекувам ослободителната пресуда за овој предмет.