Во Кривичниот суд во Скопје на рочиштето за „Поткуп“ денеска се пушташе снимката која беше објавена на Јутјуб од премиерот Зоран Заев и струмичкиот бизнисмен Иван Николов, јави Плусинфо. Снимката се емитуваше по предлог на одбраната бидејќи, како што рече Заев на претходното рочиште, таа не е целосна, односно не соодветствува во целост со оригиналната снимка од ПИ-мерките.

Во судница се гледаше видео од околу 3 минути, по што судот констатираше дека истата е прекината на три места. Еднаш во 2.26 минута, а вторпат околу 2.53 минути. Исто така, таа е прекината и на крајот.

Еден од моментите кога е направен прекин е тогаш кога Заев го споменува неговиот брат Вице.

Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека бизнисменот Иван Николов е клиент на менувачница каде работи Вице Заев и на снимката разговараат дека, ако парите со кои бизнисменот сака да купи градежни материјали за црквата се во евра, може да ги замени во менувачницата.

Адвокатите не сакаа да ја коментираат снимката објавена на Јутјуб, тие рекоа дека тоа ќе го направат во завршните зборови.

Рочиштето за завршни зборови е закажано за 15 мај.