Слабата екипираност, недоволната информираност и едукација на земјоделците се клучните причини за ниската искористеност на европските пари. На другата страна, пак, има голема заинтересираност на преработувачката индустрија и земјодлеците да дојдат до овие пари.

Оваа оценка ја даде денеска директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски пред почетокот на конференцијата за менаџирање и искористување на ЕУ фондовите во Стопанската комора на која беа презентирани словенечките искуства.

– Искористеноста на парите од ИПАРД е минимално. Повлечени се само 17 отсто,од нив, а тоа Европската комисија во последниот извештај за напредокот го квалификува како незначително -рече Бабовски.

Очекува проблемите да се надминат и со помош на словенечките експерти.

Тој смета дека на македонскиот аграр му е неопходно модернизирање кое ќе се одвива заедно со прилагодувањето кон европската регулатива.

– Најдобро земјава да се фокусира на правење добар, квалитетен и конкурентен производ кој ќе ѝ овозможи на преработувачката индустрија да повлече што повеќе пари – рече Бабовски.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, пак, смета дека во процесот на повлекување на пари од европските фондови треба да се вклучат и општините. Верува дека земјава има капацитет, но ѝ треба помош тоа да го реализира.

– Програмата ИПАРД овозможува реализирање голем број мали проекти од 10.000, 20.000 и 50.000 евра што се доволни за општините –вели Јазбец.

Според него, не е лесно да се дојде до европските пари зашто процедурите се комплексни и административно комплицирани.

Искуствата на Агенцијата за земјоделство и рурален развој на Словенија, се дека информатичката технологија може многу да го олесни процесот на административно водење на постапките.

– Платежната агенција на Словенија 99,9 отсто е компјутеризирана и работи електронски. Со тоа го поедноставивме процесот, а нашите корисници добиваат информација за грешките во аплицирањето веднаш, односно во реално време. Во процесот се вклучени ИТ компании кои го изработија софтверот и ги вршат поединечките обработки на податоците, пресметките и распределбата на парите, а Агенцијата за катастар ја води постапката на терен.Државата, пак,го обезбеди хардверот и го контролира целиот процес централизирано – информира, директорот на оваа агенција, Бенедикт Јеранко.

Македонија до 2020 година има на располагање вкупно 80 милиони евра за земјоделството од кои 60 милиони европски пари и 20 милиони домашна поддршка.

За ИПАРД 2 досега се потпишани преку 100 договори за повеќе од 4,6 милиони евра кофинансирање, најмногу во преработувачката индустрија и за обнова на земјоделската механизација.

Од Агенцијата најавуваат дека близу два месеца ќе биде распишан нов повик.

– Интересот е голем и кај земјоделците и кај преработувачката индустрија, а тоа го потврдува и бројот на апликации кои на првиот повик од ИПАРД 2 достигна 1.648. Ќе направиме се за максимално да ги искористиме средствата од ЕУ- вели Бабовски.

Покрај денешните искуства кои ги пренесе словенечката платежна агенција, за еден месец се очекува и нов тим од Словенија кој директно на терен ќе помага во изготвување на преоктите со кои ќе се аплицира за еврипските пари.