Израел синоќа гаѓаше позиции на Армијата на Сирија кај Дамаск, но сириската противвоздушна одбрана пресретна и уништи две ракети, информираа сириските државни медиуми.

Нападот бил извршен во село во околината на Кисвех, јужно од Дамаск, каде се наоѓаат неколку сириски воени база.

Извори во сириската Армија соопштија дека цел на нападите се армиски позиции, но дека при тоа загинале двајца цивили,  маж и неговата сопруга.

Нападот се случил околу еден час по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма, при што го нарече Иран „главен извозник на тероризам во регионот“ на Блискиот Исток.

Иран е главен сојузник на сирискиот претседател Башар ел Асад во регионот.