Разгораваше: Виктор Азманоски

Каква е моменталната состојба на Централниот регистар, условите за  работа, во која насока планирате да ја вложите добивката од минатата година ?

Бошковска-Јанковски: Централен регистар стои  на ставот дека вишокот средства ќе го вложува во развој и подобрување на услугите кон деловната заедница, надградба на инфраструктурата, во фокусот се развојни проекти за подобрување на работната клима на институцијата за конечно да можеме да воспоставиме процеси кои го регулираат начинот на кој Централниот регистар ќе овозможи поефтини и поефикасни сервиси за корисниците.

Целокупната развојна компонента на институцијата претходно, за жал, била минимизирана заради инвестиција во деловен простор согласно одлуката на тогашната Влада.

Но, тоа резултира со постепено застарување на ИКТ инфраструтктурата во институцијата, прекин на континуираниот тек на развој на нови услуги кон деловната заедница и граѓаните.

Централен регистар започнува да се стреми во сите области од своето работење да ги применува најдобрите меѓународни практики и да ги спроведува најстрогите меѓународно прифатени стандарди, а сето тоа заради обезбедување на највисок можен квалитет на услуги за крајните корисници.

Трошокот за регистрација на фирма во Централен регистар е 0 денари, но граѓаните плаќаат на регистрационите агенти за услугата. Дали се можни промени во однос на достапноста на услугите на Централен регистар за граѓаните и подобрување на бизнис климата во земјава?

Бошковска-Јанковски: Централен регистар е институција во чиј фокус се потребите на граѓаните и бизнис заедницата. Земајќи ги предвид обемот и квалитетот на услугите, но и довербата што оваа институција ја ужива кај деловната заедница, целта во иднина ќе ни биде да обезбедиме поквалитетни услуги по пониски цени и дополнително да ги намалиме  процедурите. Точно е, во моментов, фирма во Македонија се основа бесплатно во Централниот регистар преку категоријата Регистрационен агент.  Моменталните проекти ни се насочени кон развој и надградба на системите за регистрација, дистрибуција на податоци, на базичната регистарска инфраструктура и на интероперабилноста, односно електронската размена на податоци помеѓу институциите. Дополнително ќе вложуваме во квалитетот и безбедноста на податоците,  со оглед на тоа што од нив ја црпиме нашата вредност. Регистрационите агенти се уште се категорија која согласно законот за Едношалтерски систем и закон за трговски друштва регистрираат фирма во Македонија, но имаме слух за граѓанските потреби, сметаме дека услугите на оваа институција треба да бидат подостапни и за таа цел потребно е повторно да се активира техничката помош за корисниците кои ќе се обратат до Централен регистар да добијат соодветна помош.

Она што може да се очекува од Централен регистар краткорочно и долгорочно, е интензивно следење на потребите и барањата на деловната заедница, но и за сите граѓани, затоа што ние во суштина постоиме за да ги поддржиме деловните потфати на претприемачите и фирмите, но и да излеземе во пресрет за секоја услуга од која има потреба секое физичко и правно лице.  Започнавме тесна соработка и со сите релевантни професионални заедници за да ги усогласиме потребите и да го зголемиме дијапазонот на услуги за да им ја олесниме работата. Работиме на воспоставување на дополнителни правни и регистарски механизми насочени кон подобрување на деловната клима, кон зголемување на степенот на заштита и унапредување на правната сигурност, како и подобрување на пристапот до капитал кај деловните банки.

Дали и оваа година Централен регистар ќе спроведе акција за бришење на неактивните субјекти. По кои основи?

Бошковска-Јанковски: Централниот регистар на Република Македонија спроведува постапка за бришење согласно член 552-б од истиот закон, поради тоа што до 31.12.2017 година до Централниот регистар на Република Македонија не поднеле годишна сметка за деловната 2016 година и/или не поднеле пријава за упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена согласно член 21 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица(Сл. Весник на РМ бр.84/05, 13/07, 150/07, 140/08, 17/11, 53/11, 70/13, 115/14, 97/15, 192/15, 53/16) и/или по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија за извршениот упис на основање согласно со членот 175 од Законот за трговските друштва, не го внеле/уплатиле основачкиот влог. На веб страната на ЦР, покрај списокот е објавен и текот на постапката за бришење по претходно споменатите основи, согласно одредбите во Законот за трговски друштва.

Го најавивте воспоставувањето на регионалната платформа за давање услуги од повеќе земји од регионот. Дали започнавте со проектот?

Бошковска-Јанковски: Како директен одговор на барањето на деловната заедница за информации и услуги во доменот на нивните меѓународни потфати, во тек е воспоставувањето на регионалната платформа за поврзување на сите бизнис – регистри од Југоисточна Европа, кој е поддржан од матичните влади и од Европската банка за обнова и развој. Целта е оваа платформа да прерасне во клучна инфраструктурна рамка за подобрување на економската соработка во регионот, а исклучително сме горди што заедно со колегите од Србија, позитивно ќе одговориме на предизвикот да ги воспоставиме основите за приклучување на сите земји и регистри од Југо – Источна Европа и со тоа директно да придонесеме кон подобрување и зголемување на трговската размена во целиот регион.

Подготвена е и презентирана демо верзијата на платформата – Регионален портал за регистрација на правните субјекти, пред претставниците на регистрациони институции од Албанија, Босна и Херцеговина (Федерација БИХ и Република Српска), Македонија, Романија, Словенија и Хрватска.

Набргу ги очекуваме и првите јавни сервиси како резултат на проектот.

Што можеме да очекуваме во наредниов период од Централниот регистар? Дали ќе го имплементирате Регистарот на вистински сопственици?

Бошковска-Јанковски: Да, во моментов заедно со Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам интензивно работиме на законското решение со коешто ќе се воспостави Регистарот на вистински сопственици, каде што правните субјекти во Република Македонија ќе имаат обврска да ги впишуваат нивните крајни сопственици – физички лица. Ова значително ќе придонесе во напорите за борба против перењето пари и ќе ја подигне транспарентноста во правниот и во финансискиот промет на едно многу повисоко ниво. Со ова целосно ќе се усогласиме со релевантното законодавство на ниво на ЕУ, како и со сите највисоки меѓународни стандарди. Ние како Централен регистар ќе вложиме максимални напори постапката за упис во регистарот и за пристап до податоците да биде наједноставна што може, што всушност е наша заложба во сите регистри.

Чест ми е да соопштам дека Централен регистар на Република Македонија ќе биде домаќин на 16та годишна конференција на Форумот за бизнис регистри од светот.

The Corporate Registers Forum е здружение на владините агенции – одговорни за администрирање на регистрирање на компании, а целта е да им обезбеди на членките можност да ги согледаат  најновите случувања во корпоративните деловни регистри на меѓународно ниво и да разменат искуства и информации за тековното и идното функционирање на корпоративните системи за регистрација на бизнис. Оваа година Централен регистар ќе земе учество на 15та годишна конференција, во Боцвана, каде што ќе ги презентира тековните проекти, ќе размени искуство за имплементација на новините во процесите за бизнис регистрација ширум светот.