Симптоми добив во четвртокот, не толку страшни. Ама грлото ме болеше премногу не можев да зборувам едвај успеав да одржам онлајн часови, во петокот веќе ми беше многу лошо. Среќа претходно бев 14 дена во изолација, и немав контакт со никого.

Никаде не одев, јас сум некој што навистина внимава, можеби и опсесивно премногу. Се изолирав, не бев во контакт ниту со најблиските, Во саботата, сама бев на дежурен во Ѓорче, не работеа втора смена, што никако не смее да се случи. Се јавив на итна, таа таму ме советуваше витамини, парацетамоли и да се слушнам со матичниот кој инаку не можам да го добијам, ама го разбирам. Повторно сама, до дежурната аптека, со три маски да земам превентивна терапија, едвај се довлеков до таму. Викенд е се е мртво. Се уплашив, не од симптомите туку од тоа дека лекарска помош адекватна нема. Во неделата ми се јави матичниот ми рече да направам тест во јавниот институт 1850 денари, кои реално за нашите бедни плати е премногу, ама си реков морам веќе. ТЕРМИНИ НЕМА!

Претходно за витамини скоро 2000 денари дадов, одам во понеделникот исто сама, не сакав апсолутно контакт со никого зошто ќе ми беше потешко да заразам некого од се останато. Мизерија во една барака чекате ред, има таму и луѓе на кои не им е ништо.

Ама јас чекам со 38 температура во ист ред со нив. Не можев да спијам, веќе 5 дена како спијам максимум 3 часа и се будам. Паднав и психички, насекаде околу нас се сее страв, паника и негатива. НАУЧНО ДОКАЖАНО Е ДЕКА ИМУНИТЕТОТ ГО ТУРКА НАЈМНОГУ ТАГАТА, околу нас, во нас се собра многу тага. Немоќни да се заштитиме, јас се трудев да бидам во тој некој свој свет… Ама не е возможно. Денес се будам матичниот го нема да се јави да ми каже каков е тестот. Среќа имам една жена која работи како хигиеничарка таму па таа отиде да го праша. Ми вели “Драгана негативна си, сега можеш да одиш да те види докторот” , и велам супер само јас сум веќе крајно омалаксана и 5 ден со болки, ама болки насекаде, ме болат и прстите на нозете, главата, грлото, градите, многу отежнато дишење и температура која не паѓа. Отидов, ме слуша и ми вели аууу Драгана негативен е тестот ама имаш бронхопнеумонија ти се спуштило баш доле на белите дробови, ме боцна нешто за дишење и ми даде Сумамед. Му велам добро што да правам јас со негативен на корона а со ваква дијагноза. Ништо вели дома ќе се лекуваш. Супер велам.

Е сега го пишувам ова за да ги разјаснам работите. Јас поради короната и сите мерки и работата во здравството, да беше нормално време ќе добиев терапија на време и немаше да искомплицирам да дојде до толку, да сум истоштена до крај.
Јас до сега со се тестот за лекови и витамини дадов 6000 денари! Тоа е нечива половина плата, што со луѓето кои ги немаат овие пари? Господ нека ги чува !

6000 денари ти е потребно за еден член од семејството ако се здобие со симптоми. И тоа е тоа што треба да не плаши. Велеше баба ми ако имаш пари и луѓе имаш се. И во право беше. Со денови однапред зборам како има и други болести освен короната кои се пострашни а нема кој да не лекува! Тоа е мојот најголем страв, тоа што финансии немаме и тоа што немаме соодветна лекарска помош. Ме плаши целиот овој хаос. Короната ни зема 8 месеци, барем за нас кои ги почитувавме сите мерки. Ама не е веќе ништо во наша контрола, не можам да стравувам за татко ми кој мора да оди да пее за да донесе егзистенција дома. Не можам да стравувам за мајка ми која мора до оди со автобуси секој ден, за кои сметам дека се најголемото легло на зарази од секогаш. Не можам да ја мислам сестра ми која работи како медицинска сестра и секојдневно е во контакт со пациенти. И јас која сама дадов 2000 денари за да ми го средат лаптопот за да можам да работам и да ги видам учениците, сама го трошев мојот интернет но тоа е најмалиот проблем. Проблемот е што мораме да одиме на работа, во депресивни празни училници како во хорор филм. И секој ден да размислуваш дали имаш некој симптом зошто ако одиш со училиште со симптом си монструм. И тоа не го средија, наставниците им служат како експериментални глувци. И сите молчат.Како ова се да се исконтролира? Никако се е надвор од нашата контрола, да ве советувам да носите маски, не можам, тоа го знаете и е само еден мал сегмент. Можам да ви кажам да се скриете од се и од сите во своите гнезда, да се скриете од секакви информации кои не убиваат повеќе од се. И да пробате да живеете а не да преживувате. Сите ви посакуваат здравје, А јас ќе ви посакам пари. Без нив во оваа држава си ништо. Еве сега директорката на која и ја кажав целата состојба ми врати само прати ми дека си отворила боледување, само тоа им е важно. Овде никој не те гледа како човек важно е боледувањето и да ти одземат од платата.

 

Драгана Костиќ