Над 100 милиони евра е негативниот биланс кој го предизвика одлагањето на либерализацијата на пазарот за електрична енергија кај малите и средни компании.

Оваа пресметка ја соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на заедничка прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши на која беше презентиран новиот Закон за енергетика.

– Компаниите кои се снабдуваат на либерализираниот пазар имаат минимум 40 отсто пониски цени на електрична енергија од оние кои до сега не беа на тој пазар -рече Анѓушев.

Според него, со новиот Закон се надминуваат монополите и се остава да го регулира пазарот, но се води грижа да ги заштити граѓаните да не плаќаат превисоки цени.

Предлог- законот за енергетика во кој се вклучени сите забелешки што беа изнесени на јавните расправи во изминатите неколку месеци со кој се воведува целосна либерализација на пазарот на електрична енергија помина на Владата и сега ќе се најде пред пратениците.

– Новиот Закон за енергетика е усогласен со пет европски директиви и три регулативи и овозможува целосна либерализација на енергетскиот сектор односно секој потрошувач по сопствен избор и со сопствено договарање да може да избере снабдувач со електрична енергија и гас – рече Анѓушев.

Образложувајќи ги економските и социјалните влијанија како и врз животната средина на законот , министерот Бектеши рече дека закон означува крај на монополот и им дава можност на потрошувачите да имаат избор.Се воведува универзален снабдувач кој ќе треба а обезбеди најниска цена.

Со законот, како што рече, се поттикнуваат инвестициите во енергетскиот сектор и тоа главно од обновливи извори на енергија.

– Ќе донесеме годишна програма за намалување на енергетската сиромаштија. Стечајци пензионери со ниски примања ќе бидат заштитени, а се обезбедуваат и субвенции за потрошувачка на енергија за одредени ранливи категории – рече Бектеши.

Тој најави дека во наредниот период ќе треба да се донесат подзаконските акти и потоа ќе треба да се имплементира законот.

Во однос на подготовката на подзаконските акти, вицепремиерот Анѓушев најави дека со посебен правилник во Законот за енергетика ќе се регулира проблемот на исклучените од парно греење во Скопје и додаде дека ќе се направи се за тие да не плаќаат за услуга што не ја добиваат.

Анѓушев потврди дека на Економскиот совет на Владата се разговарало за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ и се заклучило дека треба да се градат во изменет облик и додаде дека по 11 неуспешни тендери сега очекува да се најде начин да се изградат хидроцентралите.